| четврток, 6 декември 2018 |

Грчки дипломат: Преспански договор може да наиде на пречки во ОН

Димитрис Москопулос, пензиониран грчки дипломат и поранешен амбасадор во Косово, смета дека Преспански договор, дури и да биде ратификуван во парламентите на Грција и на Македонија, би можел да наиде на пречки во Обединети нации.

„Ништо не е сигурно во овој свет“, изјави тој во интервју за Балканска истражувачка мрежа (БИРН), повикувајќи се на најавата од Министерство за надворешни работи на Русија од 3 октомври дека ќе побара за Договорот да заседава Советот за безбедност на ОН, бидејќи е во спротивност со меѓународното право и со македонскиот устав.

Според Москопулос, влогот околу договорот од Нивици е поголем за Македонија отколку за Грција, каде што смета дека може да помине само во сегашната политичка констелација во законодавниот дом.

„Договорот за името има шанса само ако дојде на ратификација во грчкиот парламент додека сегашната влада е на власт. Ако има избори во Грција пред тоа и Владата загуби, сегашната опозиција ќе го убие“, смета тој, очекувајќи СИРИЗА да биде поддржана од независни пратеници и на тој начин да ги надомести гласовите против од коалицискиот партнер Независни Грци.

Москопулос ги обвинува националистите во двете земји за проблемите во меѓусебните односи.

„Глупаво е во 21. век да се бориме околу тоа кој е вистински наследник на Александар Велики“, нагласува ексамбасадорот, но и додава дека македонски политичари често ги провоцирале грчките националисти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top