| четврток, 6 декември 2018 |

Во Македонија нема потврден случај на западно-нилска треска

Во врска со објавата на 1ТВ од 27.10.2018 година во 20:21 часот – „1ТВ дознава: Западнонилската треска пристигна во земјава“ и дел од медиумите кои ја преземаат информацијата, Министерство за здравство ги отфрла инсинуациите и шпекулациите наведени во текстот дека случај на западнонилска треска е откриен на инфективното одделение во болницата „8-ми Септември“.

Кај ниту еден пациент во Република Македонија не е потврдено присуството на вирусот на западно-нилска треска. Пациентот, којшто се издвојува во прилогот на 1ТВ, бил примен во Градската општа болница „8 Септември“ со симптоми на грип и висока температура. Но, испитувањата докажале дека не станува збор за западно-нилска треска. Истакнуваме дека ова е случај стар 3 недели и пациентот во меѓувреме е пуштен дома, без компликации по неговото здравје.

Во исто време, потенцираме дека Министерството за здравство во ниту еден момент немало намера да прикри какви било информации. Новинарката од 1ТВ во изминативе неколку недели беше во постојан контакт со министерството.

На крајот, ги уверуваме граѓаните дека министерството во континуитет ја следи состојбата, за евентуалната појава на вирусот на западно – нилска треска, но и за евентуална појава на други вируси. Повторуваме, во Република Македонија нема потврден случај на вирусот на западно – нилска треска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top