| четврток, 6 декември 2018 |

„Апелација експрес“ не функционира за сите обвинети: Доцнат одлуките за гаранциите на Ченто, Јовановски и Илиевски

8 дена по јавната седница која Апелациониот суд во Скопје ја одржа за гаранциите кои притворени лица за 27 април ја нудат за замена на мерката притвор со поблага мерка, се’ уште не е објавена одлуката на судот.

На јавната седница обвинетиот Јане Ченто понуди гаранција од 526.000 евра вредност на имот кој го понудија 7 семејства, за да биде пуштен да се брани од слобода, нешто што претходно им беше овозможено на повеќе лица во случајот за 27 април.

-Јас, почитуван суде, нема да бегам! Бегаат само кукавиците! Јас нема да побегнам од мојот син. Оваа гаранција, од безмалку 530.00 евра, ја обезбедија седум семејства. Мои роднини пријатели. Јас сигурно нема да им донесам неволја на тие луѓе. Впрочем, јас пред ‘Шутка’ бев еден месец во куќен притвор и да сакав да бегам – ќе избегав!, рече тогаш обвинетиот Ченто.

Адвокатот Донче Наков рече дека е лицемерно решението на Кривичниот совет на скопскиот кривичен суд кој ја одбил втората најголема гаранција во случајот, алудирајќи на нееднаквите аршини на судот. Токму против ова решение одбраната поднесе жалби пред Апелациониот суд, за кои иако се одржа јавна седница пред повеќе од 8 дена, нема одговор од судот.

На истата седница беа истакнат и жалбите на обвинетите Владо Јовановски и Богдан Илиевски, за кои исто така одлука се’ уште нема.

Нееднаквите аршини на судот се покажаа и со примерот на пратеникот Крсто Муковски кој за два часа по “брза постапка“ беше ослободен, додека за овие обвинети сликата е поинаква, односно очигледно е дека нема „потреба од брзање“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top