| четврток, 6 декември 2018 |

Грчева: Темел на Северна Македонија се криминалот и уцените

Камен-темелникот на Северна Македонија се криминалот и уцените, смета партијата „Глас за Македонија“, зад која стои поранешната пратеничка Солза Грчева.

Грчева, која изминатите месеци беше една од поборниците за бојкот на референдумот за Преспанскиот договор го оцени гласањето во Собранието како срамно и спротивно на референдумското изјаснување.

„Криминогените и кукавички структури, заштитени од ‘големи’ патрони, кои вчера дадоа поддршка за почеток на менување на Уставот, немаат легитимитет да ја кршат волјата на над 1000.000 граѓани кои не го прифаќаат договорот со Грција. Како резултат на распадот на моралот на едно корумпирано општество се случи срамното гласање во Собранието, замислете на точно 80 пратеници. Уценетите глави, кои не се спремни да го отслужат тоа што евентуално им следува, се обидоа да ја укинат Република Македонија.
Тоа е играње со демократијата и со правната држава“, реагира партијата на Грчева преку соопштение испратено до јавноста.

Понатаму во соопштението се додава дека набрзо ќе дојде до ревизија на целата серија прекршувања на принципите на меѓународното право, Уставот и законите направени во овој, како што тврдат, насилнички процес.

„Наредната власт во Република Македонија која нема да е подјадена од корупција, ќе има морална обврска, но и сила, да ги поправа штетите направени од корумпираните “елити“. Патот е тежок, но мора да се изоди.
Се разбира дека ќе се испитаат и наводите за понудени огромни пари, како и влијанието врз некои медиуми кај нас од црни, грчки фондови. Криминалот не смее и не може да трасира ничија “светла“ иднина“, се додава во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top