| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на книгата „Филмски град“ од Игор Анѓелков денеска на „Киненова“ (видео)

Во рамките на фестивалот „Киненова“ денеска ќе се одржи промоција на книгата „ФИЛМСКИ ГРАД“ на Игор Анѓелков, промотори се: Стефан Сидовски и Оливера Ќорвезироска, а ќе почне во 19.30, во фоајето на кино „Фросина“, МКЦ.

„Филмски град“ е втора книга од серијалот филмски четива посветени на домашната и светската филмска уметност. Излезе за време на скопскиот „Саем на книга“ во мај годинава, и по добриот интерес, сметав дека треба да се промовира наесен, таман тесктовите да им „легнат“ на читателите, а оние кои се’ уште не ја купиле книгата, самата промоција да биде провокација да посакаат да ја имаат во својата домашна библиотека. Одржувањето на „Киненова“ во октомври и мојата замисла совршено се споија, башка што добив и благородна улога да бидам програмски директор на ова издание, па така сите коцки фино се наредија.

Оливера Ќорвезироска како проследувач на моето писмо, што прозно – што филмско, секако дека беше прв избор за промотор на книгата, а вториот природно се надоврза откако еден ден во книжарницата ИЛИ-ИЛИ влезе почитуваниот професор Стефан Сидовски, и со пофални зборови направи осврт кон „Филмски град“, четиво кое поради својата еклектичност многу му се допаднало. Еве еден мал дел од рецензијата на Ќорвезироска за книгата, останатото Ве поканувам да дојдете и да го слушнете во живо. Ветувам убава промоција и дружба!, вели Игор Анѓелков.

-Игор Анѓелков е еден од ретките поинакви проследувачи на филмот кај нас, со осврти во кои вградувајќи ги сето свое знаење и љубов кон Седмата уметност, речиси секогаш вклучува и еден вид книжевен дискурс збогатен со парчиња од интимното животно искуство. Токму во ваквиот микс на книжевното и филмското писмо, Анѓелков си го изгради својот препознатлив творечки ракопис со сѐ појасно и повидливо место на нашата културна сцена. Двете нишки во неговото писмо не си одземаат ништо едната на другата, напротив, постојано си додаваат, затоа што никогаш немаат натпреварувачки однос. Примарниот интерес секогаш е јасен и прецизен, а поддршката од секундарниот е само продлабочување на аспектот, препознатлив личен авторски белег. Нивните позиции се менуваат од наслов во наслов на Анѓелков, во зависност од тоа дали издава публицистичка, есеистичка, критичка книга или белетристичка (раскази, романи). Хибридниот интерес на Анѓелков спонтано се движел и кон хибридизација на стилот, делумно и на жанрот на негово писмо. Затоа сето ова изгледа толку автентично.  Кога писателот сака филм, а филмаџијата книжевност, настануваат книги како „Филмски град“ – сериозна филмска студија со фина книжевна сенка на стручните, компетентни реченици, вели Оливера Ќорвезироска.

Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со медиско третирање на филмската уметност активно се занимава од 1997 година преку рецензии во различни дневни, неделни и месечни весници, како автор на филмската радио-емисија „REDRUM“ на Канал 103, а веројатно е најпрепознатлив по филмскиот магазин „Филмополис“ на ТВ Телма. Бил член на жиријата на домашните фестивали „Македокс“, „Осфаф“, „Ехо“, „Филозофски филмски фестивал“…, а од оваа година е селектор на филмовите во официјалната програма на филмскиот фестивал „Киненова“.

Анѓелков зад себе има неколку книги, меѓу кои „Филм.мкд“, неговата прва теориска книга за филмот, која комплетно ја третира македонската кинематографија во новиот милениум, ја доби Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за 2015 година. Тој е автор и на прозните книги, збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013).

Во 18 часот во киното Фросина ќе биде прикажан филмот „Третата станица“ на Зеки Демиркубуз, во 20. Часот во „Фросина“-„Без датум и потпис“ на Вахид Џалилванд, 22 часот кино „Фросина“-„Крадци на гулаби“ од Осман Наил Доган.

Во Кинотека на Македонија, пак во 15 часот ќе бидат прикажани куси филмови од меѓународна конкуренција,  во 18 часот „Блискост“ на Кантемир Балагов и во 2о часот, филмот на Бергман, „Врне над нашата љубов“.

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top