| четврток, 6 декември 2018 |

Чупиќ: Втора недела по ред Вардар победува, а некој зборува за судиите!

Тренерот на Рајн-Некар, Николај Јакобсен, не можеше да се помири со поразот од Вардар (27-29), велејќи дека за тоа, делумно, заслужни се и судиите Николиќ и Стојковиќ од Србија.

Слично сценарио имаше пред седум дена во Веспрем, кога на Љубомир Врањеш не му беше право што загубија и вината ја бараше кај судиите, веќе на прес-конференцијата. Иван Чупиќ беше претставник на играчите на Вардар, а неговото искуство и доствоинство, изгледа, не му дозволија да му молчи на Јакобсен, па му одговори.

„Поздрав за Рајн-Некар и за нивниот тренер, кој искрено го обожавам и како лик и како тренер. Еве веќе втор натпревар се случува да се зборува за судии и за Вардар. Мислам дека нема причина за тоа. Јас сум веќе 15 години во ЛШ и милион пати сум бил незадоволен од судењето и со клуб и со Хрватска. Мискам дека треба да се биде човек и кога изгубиш и кога победиш“, рече Чупиќ.

За мечот, изрази честитки за добрата игра на Германците, но потенцира дека нивната борбеност пресудила и вети дека такви ќе бидат до крајот на сезоната.

„Што се однесува до натпреварот, Рајн-Некар игра подобро на гости поубав ракомет, без притисок. Имаат одлични играчи, добро играат со шест, со седум, имаат одлични голмани, но ние на овие луѓе кои купиле билети им покажавме дека овој нов Вардар, да го наречам, ќе се фрла на глава, ќе дава се од себе, па додека оди оди. Можеби утре ќе загубиме, не знаеме, но јас ветувам дека до крајот на сезоната ќе се бориме“, додаде хрватското крило, кое денеска погоди двапати.

Јакобсен треба да биде внимателен со имитирањето на Врањеш, бидејќи она што му следуваше на шведскиот тренер не беше најпријатно. Човекот кој ги надмудри и двајцата, Роберто Парондо, повторно беше скромен, но задоволен.

„Благодарам на играчите, одиграа одличен натпревар. Многу тешко е да се игра против Рајн-Некар, тие се извонреден тим кој играше различни ситуации. Во првото полувреме не успеавме да реализираме неколку шанси и имавме неколку грешки, во второто бевме подобри. И понатаму ќе се обидуваме секој меч да играме добро и да победуваме“, рече Парондо.

Извор: Спорт1

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top