Сакале да признаат или не ракометарите на Вардар, нивниот фантастичен почеток на сезоната ја изненади јавноста не само во Македонија туку и во Европа. По победата над Веспрем, а пред тешкиот меч со Рајн-Некар в сабота, ЕХФ на официјалната страница за Лигата на шампионите објави текст посветен на црвено-црните.
Во него се обработуваат причините поради кои Вардар почна толку силно и ефективно и покрај пониските очекувања. Победите со Монпелје на гости, со Кристијанштад дома и со Веспрем на гости го направија единствената екипа со максимален ефект во групата А и единствена која во пет сезони почнала со по три победи од стартот на сезоната. Тоа не е случајно, туку има своја основа, а според ЕХФ „зајакот лежи“ во овие шест причини.
Парондо и специјалната шпанска состојка
Докажан факт е дека шпанските тренери имаат уникатен стил, а последните неколку сезони открија дека тие се оние со тајниот рецепт кој го однесе Вардар до големи достигнувања. Роберто Гарсија Парондо имаше голема празнина за пополнување, откако си заминаа неколку играчи и тренерот Раул Гонзалес. Меѓутоа, Парондо покажа дека неговиот длабински тактички пристап е ефективен, кога е во прашање подготовката на натпреварите и анализата на слабостите на противниците. Еден од главните аспекти на културата на Шпанците е дека тие обрнуваат многу внимание на тимската работа, не само во ракометот, туку во сите спортови. Шпанците знаат како да интегрираат играчи во тимот, а Парондо го направи токму тоа во краток период.
Милосављев – новата блескава ѕвезда
Тој можеби уште не е Арпад Штербик, но младиот српски голман Дејан Милосављев не можеше ни да сонува за подобар старт на ЛШ. Тој имаше голем товар од почетокот на сезоната, бидејќи го замени еден од најеминентните голмани во историјата на ракометот и изгледаше дека е „невозможна мисија“, но 22-годишниот Србин покажа стабилност и направи неколку спектакуларни одбрани, од кои профитираше тимот. Со досегашните настапи, Милосављев веќе стана нов омилен играч меѓу црвено-црните фанови. Затоа не е чудо што беше изгласан за најдобар играч во СЕХА-лигата за месец септември.
Тимски дух и покрај многуте заминувања
Еден од најтешките предизвици за Вардар беше да се задржи тимската кохезија откако мораа да заменат неколку клучни играчи. Новиот тренер се справуваше со заминувањето на Арпад Штербик, Лука Циндриќ, Мијајло Марсениќ, Илија Абутовиќ, Жоан Кањелас и Хорхе Македа. Имајќи ги предвид овие промени, ростерот на Вардар е послаб отколку минатата сезона, но она што го демонстрира тимот на Парондо е потполно различно, благодарение на уникатниот тимски дух меѓу играчите.
Бразилскиот џин Мораес успешно го менува капитенот Стоилво
На почетокот на сезоната, македонскиот шампион се соочи со две повреди, кои ги оддалечија од теренот Сергеј Горбок и Стојанче Стоилов. Додека Горбок ќе ја пропушти цела сезона, Стоилов ќе биде отсутен само за првиот дел од неа. Овие повреди беа една од причините кои го ставија Вардар меѓу „фаворитите со поминат рок“ во Лигата на шампионите. Секако, ова му предизвика главоболки на Парондо, но за среќа по македонската екипа, бразилскиот пивот Мораес беше незапирлив од линијата за шест метри и во нападот и во одбраната, успешно покривајќи го отсуството на капитенот Стоилов.
Потценети, откако заминаа играчи од висок профил
Лигата на шампионите го смести Вардар во групата А, со големи имиња како Монпелје, Веспрем, Кјелце и Рајн-Некар. Имајќи ја предвид силната група, македонскиот шампион се соочи со одредена доза на потценување од неговите противници во групата, што му даде шанса да се претстави подобро. Да, ова беше причината што Вардар го спушти на колена актуелниот бранител на титулата во ЛШ и зошто победија против Веспрем во неговата арена по првпат.
Игра без притисок
Дополнителна причина за трите победи во три кола се намалените очекувања од домашните навивачи. Многу претпоставуваа дека Вардар почнува нова ера, дека ќе му биде тешко на подмладениот тим да блесне и да ги повтори достигнувањата од последните неколку сезони. Ова значеше и помал притисок за скорешниот освојувач на ЛШ, а ваквиот почеток на сезоната уште еднаш даде ветување, Вардар цели високо, а неговите фанови предупредуваат: внимавајте – Вардар повторно маршира!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст