Државната изборна комисија (ДИК) ги собира податоците од општинските изборни комисии за бројот на пријавени болни и изнемоштени лица кои сакаат да гласаат на референдумот. До попладнево од вкупно 80 општински изборни комисии до ДИК пристигнале податоци од 56, во кои за гласање се пријавиле 1.260 болни и изнемоштени лица.
Рокот за пријавување за гласање на болни и изнемоштени лица заврши на 22 септември на полноќ. Овие лица, како и 1.558 затвреници, според Избирачкиот список, лицата во домашен притвор, како и 2.694 гласачи од дијаспората за референдумското прашање ќе се изјаснат на 29 септември.
Првото гласање на референдумот ќе биде во среда (26 септември), кога во избирачко место во ДИК, своето право ќе го искористат 104 членови и заменици членови на избирачки одбори кои ќе го спроведуваат гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии на Република Македонија во странство.
Деновиве продолжуваат обуките на избирачките одбори, кои на денот на референдумот ќе бројат шестмина членови. Процесот ќе биде мониториран од акредитирани набљудувачи, за што рокот за пријавување завршува на полноќ.
Кампањата завршува во четврток на 27 септември на полноќ. За референдумот печатницата „Киро Дандаро“ треба да испечати 1.806.336 гласачки ливчиња, односно онолку колку што има запишано гласачи во заклучениот Избирачки список.
Според роковникот, ДИК изборниот материјал го предава на ОИК најдоцна во рок од 72 часа пред денот определен за одржување на референдумот. Според информациите од ДИК тоа ќе се случи во четврток наутро кога материјалот директно од печатницата ќе биде дистрибуиран до општинските изборни комисии.
ОИК, пак, е должна еден ден пред денот на одржување на референдумот да го предаде изборниот материјал на избирачкиот одбор.
Гласањето на 30 септември почнува во 7 часот наутро и завршува во 19 часот.
Референдумското прашање гласи: Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“, а гласачите што ќе излезат на референдумот со заокружување со сино хемиско пенкало треба да се изјаснат дали се „за“ или „против“.
ДИК првичните резултати од референдумот добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците и целокупниот гласачки материјал од ОИК, во рок од 24 часа по приемот на записниците и целокупниот гласачки материјал од сите ОИК. Резултатот од гласањето, ДИК го објавува во „Службен весник“ во рок од 15 дена од денот на одржување на референдумот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст