| четврток, 6 декември 2018 |

Филмската пародија „Блокбастер“ го отвора МОТ

Белгиската претстава „Блокбастер“ на уметничкиот колектив „Менсуел“ утревечер го отвора 43. издание на Млад отворен театар (МОТ), кој ќе трае до 28 септември. Отворањето е во 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ).

Тие се колектив во кој сите заедно (музичари, актери и уметници што се занимаваат со видео и кино) колегијално донесуваат одлуки. Рено Рига  истакна дека се обидуваат да бидат што популарни и пристапни до целата јавност, и до тие што немаат познавања за театарот и уметноста, и затоа користат хумор како инструмент за протест. Нивната 80-минутна претстава е филмска пародија, создадена со повеќе од 1400 кадри извадени од 160 холивудски филмови. Баптист Исаја, член на колективот, истакна дека со конструкција на деловите создаваат филм.  За време на претставата, рече тој,  филмот се прикажува во заднина, а на сцена ги произведуваат сите звуци и шумови, дијалози и целата музика.

Директорот на Младинскиот културен центар (МКЦ) Русе Арсов рече дека ќе се изведат 17 претстави, од кои три се македонски премиери, како и дека годинава фестивалот е доста разновиден тематски и ќе го предизвикува совремието и обременетоста со капитализмот, власта, слободата, стереотипите, технологијата, но и човечноста и алтруизмот.

Словенско младинско гледалишче гостува со „Идиоти“ според сценарио на познатиот дански режисер Ларс фон Трир., а германската претстава „Има уште“, е експеримент и ново колективно кореографско искуство.
Новосадско позориште ќе го претстави на сцена текстот на Данило Киш „Гробница на Борис Давидович“ во режија на Александар Поповски на унгарски јазик. На програмата е и „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ. Португалската театарска компанија на Жоа Гарсија Мигуел ќе се претстави со „Го убивме шугавото куче“ – дел од проектот „Африкански бранови“, кој ги спојува Португалија и Африка,. „Балканската маршрута“ ќе ја прикаже маршрутата по која се движел театарскиот и филмски режисер Франц фон Столхен, по чие сценарио маршрутата почнува како театарски перформанс, во кој документарното и фикцијата се неделиви.
На фестивалот ќе биде изведена и „Чудна шума“ на кореографката Искра Шукарова, која ја поставува со студентите на ФМУ, како и премиерата „Шииит“ на домашната независна театарска трупа „Артопија“ во режија на Ирем Ајдим.

На 43-от МОТ ќе биде изведена и најновата претстава на Битолскиот народен театар „Но(е)ва Македонија“ во режија на Кокан Младеновиќ, ангажирана општествена сатира, која реферира на историската мегаломанија на поранешната македонска власт.

Дел од МОТ ќе бидат и соло-проектот на Словенецот Марко Булц „Прва алтруистичка приказна“, „Болница“ на Јо Стромгрен Компани од Норвешка, „Над земја под облаци // некаде помеѓу“ во режија на Ирем Ајдим на „Ентропи студио“ од Истанбул. Веднаш по премиерата и отворањето на театарската сезона на Босанското народно позориште во Зеница, на 20 и 21 септември претставата „Буре барут“ на Дејан Дуковски, во режија на Нина Николиќ, доаѓа на МОТ како дел од културната соработка меѓу Босна и Херцеговина и Република Македонија. Ќе гостува и корејската претстава „(Во живо) БЈ Фауст“ на театарската компанија „Сисифе“ од Сеул, а фестивалската програма на 28 септември ќе заврши со „Црнила ремикс“, според класичното драмско дело на Коле Чашуле, музичко-драмски перформанс поставен од Јордан Симонов во продукција на Младинскиот културен центар.

МОТ ќе се одвива на осум сцени низ Скопје: Македонски народен театар, Македонска опера и балет, „Кино Култура“, Македонска филхармонија, Универзална сала, Кино Фросина – МКЦ, Дансинг-сала во МКЦ и Драмски театар. Цената на билетите во претпродажба до 19 септември е 200 денари, а потоа за сите претстави ќе чинат по 300 денари.

Фестивалот ќе има и богата придружна програма: два концерта, изложба „Сценографии 35“ – ретроспектива на 35-годишната сценографска кариера на авторот Крсте С. Џидров, одбележување 70 години на меѓународната мрежа на Интернационалниот театарски институт на УНЕСКО со претставување на драмската авторка, филмски сценарист и актерка од Русија, Јарослава Пулинович и промоција на електронската книга „Сирота мала богата драма“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top