| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на дела од графичката колекција на Музејот на современата уметност

Изложба со дела од графичката колекција ќе биде отворена во Музејот на современа уметност на 14 септември (петок) со почеток во 20 часот.

Графичката колекција на Музејот на современата уметност е најдоминантен сегмент во збирката на Музејот со над 2.000 отпечатоци изработени во разни графички техники, информираат од МСУ и додаваат дека целта е преку публикација да се презентира ова културно наследство.

Оттаму велат дека поголем дел од графиките припаѓа на меѓународната збирка на Музејот, која е прогласена за културно наследство од особено значење.

„Публикацијата ги опфаќа разновидните истражувања на уметниците и нивните индивидуални стремежи преку графичкиот ликовен израз, како и развојот на графичката уметност – широкиот дијапазон стилски определби што се движат во рамките на фигуративниот, нефигуративниот, апстрактните тенденции, па сè до поп-уметноста и концептуалниот дискурс што ќе се следи преку делата на авторите што ја одбележале историјата на ликовната сцена во 20 век“, се наведува во соопштението за изложбата.

Од Музејот на современата уметност додаваат дека поради разновидноста на графичките техники застапени во колекцијата, на крајот на публикацијата ќе се направи преглед на графичките техники и нивните особини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top