| четврток, 6 декември 2018 |

Нов скандал со „Трансверзалец“: Водичот ќе оставел двајца планинари на Кораб, тропале по автобусот за да застане

Двајца планинари, од кои едниот со повредено колено, биле принудени да трчаат по автобусот од организираната тура за искачување на Кораб викендов оти водичот на групата решил да се вратат назад без нив. Организиратор на турата било планинарското друштво „Трансверзалец“, кое ја организира и турата за искачување на Кајмакчалан кога загинаа двајца планинари. За последниот скандал алармирале планинари што биле сведоци на одлуката на водичот да тргнат иако недостигале двајца планинари, јавува Макфакс.

– Нè оставија на 2 км од почетокот на патеката за искачување до врвот Голем Кораб и ни кажаа дека автобусот назад тргнува во 17 часот. Од организатори и водичи ни трага ни глас. Стигнав долу прв и морав да го барам автобусот што не беше на најавената локација. Стигнуваат и во автобусот влегуваат изморени луѓе и организаторот сфаќа дека недостигаат двајца и тргнува да ги бара, се враќа сам и му вели на шоферот да си одиме бидејќи се стемнува.

– Јас сфаќам дека се спремни да остават двајца луѓе сами во темница на планина и почнувам да се бунам. Автобусот тргнува. Двајца планинари што недостигаа се симнуваат по патот и трчајќи тропаат на автобусот со цел да запре за да влезат. Организаторите беа спремни да ги остават, ниеден водич не се загрижи, ниту одеше последен. Еден од двајцата го повредил коленото и морале да одат полека. Никогаш пак со ‘Трансверзалец’“, вели Марко Томиќ, еден од планинарите што го искачувале Голем Кораб.

Водичот од „Трансферзалец“, Јовче Николовски, за „Макфакс“ изјавил дека два часа ги чекале планинарите што недостигале во групата пред да одлучат да си тргнат назад.

– Важно, со убаво заврши работата. Беше договорено автобусот да тргне во 17 часот. На сите јасно и гласно им кажав каде да се најдеме. Се симнаа половина. Половина се влечат, македонска работа. Се крена тензија, бараа да тргнеме оти два часа стоевме во место. Тие треба да бидат благодарни што ги чекавме. Уште кога сигнавме на Кораб, еден планинар рече дека ќе оди со приватен превоз, но ќе најави. Ние претпоставивме дека двајцата отишле заедно. Тамам тргнавме пополека, тие дојдоа. Немаа мрежа на телефоните, изјавил водичот Николовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top