Михајло Маневски
Во Република Македонија во последно време, а особено во овој месец септември, никогаш немало толку голем број посети на претседатели и премиери на голем број држави, на преставници на голем број органи и организации и функционери на ЕК, како што тоа се случува денес. Сведоци сме на вистинска инвазија на голем број еврокомесари, министри, директори, парламентарци, конгресмени, а денес по втор пат ова година дојде генералниот серетар на НАТО г.Јенс Столтренберг. Најавена е посета на канцеларот на Германија г-ѓа Ангела Мекрел и канцеларот на Австрија г-дин Себастијан Курц на крајот на ова недела, а се најавува посета и на канадскиот премиер г.Трудо и видео обраќање на претседателот на Франција г.Емануел Макрон.
Што е тоа што наеднаш предизвика таков огромен интерес за Република Македонија? Зошто наеднаш толкав грижа за Македонија која две децении е фрлена на колена поради срамните грчки спротивставувања и кочење на нејзиниот напредок? Добро е што доаѓаат, но зошто токму сега, зошто во време кога е распишан референум за промена на Уставот, за промена на Уставното име на државата и за рушење на националниот и институционалниот идентитет граѓаните на Македонија. Повеќето од тие што доаѓаат, вршат непримерени и недостојни закани и притисоци, даваат неодмерени и паушални заканувачки изјави, промовираат црни сценарија, доаѓаат со однапред определена цел за подршка на референдумот за прифаќање на капитулантскиот договор со Грција за рушење на Република Македонија. Се врши огромен притисок врз граѓаните.
Службата за информирање на кабинетот на германската канцеларка соопшти дека г-ѓа Ангела Меркел доаѓа во Македонија лично да се увери за тоа што се случува во врска со референдумот. Многу позитивно и многу корисно. Од кабинетот на канцеларката не најавија заканувачки тонови и црни сценарија, на кој се навикнавме секојднево да ги слушаме од повеќето политичари кои доаѓаат во Македонија, без срам и без почит, ниту кон државата, ниту кон народот.
Познавајки ги приликите во земјата, во која грубо се лаже од највисоките преставници на власта, а сособено со големи лаги се истакнува премиерот Зоран Заев, се сомневам дека Зоран Заев ќе и ја каже вистината на германската канцеларка и на високите преставници кои доаѓаат во врска со распишаниот референдум. Поради изгубената доверба во преставниците на власта, ќе подсетам на две клучни прашања, за кои на канцеларката Ангела Меркел треба да и се каже вистината, а секако и на другите високи државни преставници.
Ќе ја известат ли г-ѓа Ангела Меркел дека референдумот е противуставен
Одлуката за распишување на консултативниот референдум е противуставна. Зошто консултативен референдум, кога за стапување на државата во сојуз со други држави во Уставот на Република Македонија и во Законот за референдум е предвиден задолжителен референдум? Според членот 120 став 3 од Уставот, одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласале мнозинството од вкупниот број избирачи.
Во членот 23 од Законот за референдум точно се наведува кога се рапишува референдум на државно ниво. Тоа се две прашања и тоа: 1. Ако се работи за одлука за промена на границите на државата, и 2. Ако се работи за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави (ЕУ). Тоа се тие две работи за кои Уставот и законот предвидуваат задолжителен референдум.
Одлуката донесена на референдумот за одлучување е задолжителна, а Одлуката донесена на референдум за консултирање не е задолжителна – (член 8) од Законот за референдум. Според членот 29 од Законот за референдум, одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдумот за неа гласале мнозинството од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список.
Премиерот на Владата Зоран Заев на крајот на јуни 2018 година во Собранието на Република Македонија одовори на пратеничко прашање дека референдумот ќе биде задолжителен. Само после 20 дена, Зоран Заев ја смени одлуката и изјави дека референдумот ќе биде консултативен. Тоа предизвика гнев и револт на граѓаните, кои се чувствуваат измамени.
Одлуката на консултативен референдум нема никакво задолжително дејство и никого не обврзува. Зошто Зоран Заев ја смени одлуката, кога согласно Уставот и Законот за референдум, референдумот на државни ниво за стапување во сојуз со други држави е задолжителен. Овој консултативен референдум нема никакво значење и е противуставен.
Уставниот суд на Република Македонија е должен да постапи по поднесената иницијатива и да ја поништи одлука за распишување на консултативен референдум, која е спротивна на Уставот на РМ и Законот за референдум. Уставниот суд е должен да ја изврши уставната обврска за заштиата на уставноста и законитоста, за која е основан.
Ќе ја известат ли г-ѓа Ангела Меркел дека само 3% од граѓаните на Македонија се запознати со содржината на договорот со Грција
Само 3% (три проценти) од граѓаните на Македонија го прочитале и се запознати со содржината на договорот со Грција. Тоа е фрапантно и просто невероватно. Тоа го потврдува и Владата и премиерот Зоран Заев.
Се поставува елементарно прашање, каква е ова транспарентност, каква е грижата на Владата да ги информира граѓаните за содржината на договорот за кој се бара од нив да излезат на референдум и да гласаат ЗА или ПРОТИВ референдумското прашање, кога тие воопште за тоа не се инфирмирани. Владата не направи никаков обид да ги информира граѓаните за содржината на договорот. Владата ги подцени граѓаните, ослонувајки се на надворешната подршка на високи политички преставници, кои Зоран Заев го тапкаа по рамо, а тој не мрдна ниту со малиот прст барем елементарно да се информираат граѓаните. Граѓаните имаат право да бидат информирани, а Владата беше должна тоа да го стори. Тоа е огромен и ненадоместлив игнорантски однос на Владата спрема граѓаните за така судбоностно прашање за државата и граѓаните за менување на Уставот, Уставното име на државата и за рушење на националниот и институционалниот идентитет. Наместо одговорен однос спрема граѓаните, се манифестира ароганција и противзаконито користење на државните ресурси за политички цели.
Зошто толку закани и притисоци ако договорот со Грција е добар
Наместо работа со граѓаните и објаснување на договорот, работите се сведоа на лицитирање со закани и притисоци. Еврокомесарот Јаханес Кан во секоја изјава постојано му се заканува на македонскиот народ со црни сценарија, како да е бич божји. Наместо разумно однесување, се сее страв и се врши мешање во внатрешните работи на една суверена држава. Тоа е недопуштено и спротивно на меѓународното право.
Евроамбасадорот Семуел Жбогар, попознат како “вашата земја” и “вашиот народ”, уште на крајот на минатиот месец прв ги собра абасадорите од земјите на ЕУ и тие веќе одат по градовите и селата да го убедуваат народот да гласа на референдумот и да го објаснуваат договорот со Грција.
Врз основа на која одредба од Бечката конвенција за дипломатските односи амбасадорите се мешаат во внатрешните работи на една суверена земја? Според членот 3 од Конвенцијата, дипломатските мисии, покрај преставувањето на државата од која се акредитирани, ги унапредуваат пријателските односи и се грижат за развој на стопанската, културната и научната соработка.
Во Конвенцијата нема овластување на дипломатите да учествуваат во класична кампања за спроведување на политичка операција на едена суверене земја, каков што е референдумот. Ако не е така, зошто диполоматите од земјите членки на ЕУ не учествуваа во кампањата за референдумот во Кралството Велика Британија за излегување од ЕУ, на референдумите во Шкотска или Каталонија. Британската амбасада во Скопје ангажира некаква Piar Strategi – агенција од Белфаст – Северна Ирска да “влијаe” за успешен референдум и тоа го плаќаат британските даночни обврзници. Преседаните што се прават се опасни и недопуштени. Ние не сме експериментални заморчиња и така не смеат да не третираат.
Знаат ли сите тие преставници на многу органи и организации, амбасадори, комесари и министри, парламенртарци и државници, високи чиновници или којзнае какви функционери, дека со нивните постојани закани и притисоци и со неодмерени и паушални изјави ја зацврстуваат недовербата на граѓаните и го јакнат нивниот сомнеж дека со сила и притисок сакаат да му наметнат решение на народот, да му го срушат Уставот и да му го сменат името на државата, да остане без историја, без култура и без идентитет.
Сосема е очигледно и многу јасно дека во недостаток на факти и аргументи да се брани еден капитулантски договор, се прибегнува кон застрашување, притисоци, закани и уцени. Македонскиот народ не верува никому на слепо и веќе отрпна на децениските притисоци да го смениме името и да се обезличиме и му се смачи од закани и лажни ветувања. Заканите и притисоците постигнуваат сосема обратен ефект и тие само го јакнат отпорот и недовербата на народот.
Референдумското прашање е спротивно на членот 15 став 4 од Законот за референдум. Референдумското прашање кое гласи: “Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција” воопште не е јасно и прецизно формулирано. Ова прашање содржи три прашања: дали сте за членство во ЕУ; дали сте за членство во НАТО и дали сте за прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција? Три прашања во едно. При вака конфузно, нејасно и двосмислено прашање, граѓаните се доведуваат во заблуда за што да гласаат.
Непочитување на пресудата на Меѓунарониот суд на правдата груба повреда на меѓународното право
Имаме право, немаме правда. Со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг едногласно е пресудено дека Република Македонија неможе да биде попречувана од Грција за членство во меѓународните организации под привремената референца. Зошто не се спроведе пресудата на Судот и зошто овие кои сега здушно навиваат за договорот со Грција не реагираа за спроведуцвање на пресудата на судот? Непочитување на меѓународното правао и пресудата на Меѓународниот суд на правдата е опасен преседан.
Веќе долго време Република Македонија ги има исполнето сите критериуми за членство во НАТО и има позитивни извештаи за почеток на преговорите со ЕУ. Во 2008 година, како тогашен министер за правда, го примив Командантот на јужното крило на НАТО со група од десетина гренерали и адмирали и ги информирав за реформите во судството и владеење на правото. После моето излагање, командантот и членовите на неговата делегација немаа никакво прашање, а командантот само констатира дека се постинати импресивни резултати и се заблагодари. И претседателот на САД Џорџ Буш, еден ден пред самитот во Букурешт, изјави дека од утре Македонија и уште две други држави ќе станат членки на НАТО.
И покрај тоа, и покрај постигнатите резултати и исполнување на сите критериуми за членство, не оставија заробени во чекалната, токму поради противењето на Грција, која сака да ја обезличи Македонија и во целост ја негира македонската нација и Македонската држава. Македонскиот народ знае дека долго време е обесправен и подценет. Подценет е кога ги исполнува критериумите и кога меѓународното право е на негова страна, ама правда нема.
Во 21 век неможе да се смени името ниту на едно амазонско племе, а камо ли да се смени и Уставот и името на една повеќедецениска држава која постои 74 години, држава на еден културен и мирољубив народ кој човечанството го задолжил со ширење на писменост и култура низ вековите.
Штитејки ги само интересите на Грција, се прави силен притисок и се вршат силни закани од сите страни на Република Македонија и целта е на овој народ да му се нанесат непоправливи и непроценливи штетни последици, да се самоуништи и да се распадне, да остане без корен и без меморија, да остане без својот дом и без својата лулка Македонија.
Граѓаните на Македонија тоа нема да го дозволат.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.