| четврток, 6 декември 2018 |

„Или-или“ ќе ја промовира збирката раскази „Пластични раскази“ од Илија Илов

Во кафе барот Ла Кања (Стара чаршија), утре (понеделник) од 21 ч. ќе се одржи промоција на збирката раскази „Пластични раскази“ од младиот писател Илија Илов.
Расказите ќе ги претстави писателката Фросина Пармаковска, овогодишен лауреат на Роман на годината.
Книгата е објавена во еминентната едиција ПРОаЗА на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ како 165 издание во оваа едиција.

-„Пластични раскази“ на Илија Илов многу умешно си поигруваат со оние две глобални групи на теми кои ги промовираше уште Цветан Тодоров во својата студија-книга „Вовед во фантастичната книжевност“. Па така овие дваесеттина раскази (или точно 21) преку „јас“-темите (или темите на двојникот, преобразбата и особено преку играта со времето и просторот) го третираат односот помеѓу човекот и светот, додека, пак, преку „ти“-темите (како сексуалноста врзана со мотивот на ѓаволот односно либидото, инцестот, хомосексуалноста, смртта и вампиризмот) се обидуваат да ги разрешат конфликтите меѓу поединецот и неговата потсвест.Животните приказни на ликовите кои најчесто се маргинализирани го носат чувството кое Зигмунд Фројд го именуваше како „вознемирувачко необично“. И тоа нивно амбивалентно чувство лесно го пренесуваат и врз читателот додека ги чита приказните/расказите, додека чита за ликовите. Така смесата на одбивност и привлечност која Роже Кајоа ја именуваше како „сладок ужас“ го запоседнува и читателот кој се намовнува додека го чита Илија Илов… како да го чита Кафка и неговата „Преобразба“ или По и „Падот на куќата Ашер“, вели Весна Мојсова-Чепишевска.

-Ова се раскази за еден забеган, изопачен свет, раскази на кои не можаме да им се лутиме за нивната бруталност и тератологија, за нивниот веризам и шок-сликите на телото, затоа што тие говорат за еден – таков свет. Наш свет. Кога само малку овие раскази би се спуштиле од зоната на надреалното, тие би можеле да бидат претставници на еден нео-реализам; нема човек кој би се осмелил да тврди дека реалниот свет во кој живееме е помалку брутален од оној свет во расказите на Илов. Само, во неговите раскази тој е питорескен. Импресионистички до крв, до црвената боја на крвта. Тоа се раскази кои покажуваат дека и под пластиката што станува метафора за нашиот свет – има крв. И дека и таа пластика може да прокрвави. Дека има душа!, смета Венко Андоновски.

Илија Илов е роден 1991 година во Скопје. Во 2013 година дипломирал на филолошкиот факултет „ Блаже Конески“ во Скопје, при катедрата на Македонска книжевност.. Има добиено гран при на Тетра; на Меѓународниот ПЕН, неговата беседа била јавно интерпретирана по повод Светскиот ден на писателите во затвор.

 

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top