| четврток, 6 декември 2018 |

Утре се одржува Охридскиот пливачки маратон: Годинава патеката е покуса за пет километри

Утре напладне во Свети Наум ќе стартува 32-то издание на Охридскиот пливачки маратон.

Организаторите на маратонот на денешната прес-конференција во Охрид соопштија дека се пријавени вкупно 30 пливачи во машка и женска конкуренција, а за Македонија ќе се натпреваруваат Александар Илиевски и Евгениј Поп Ацев.

Маратонот годинава првпат ќе биде пет километри пократок, откако неодамна беше одлучено да се пливаат 25 километри, наместо досегашните 30 километри во делницата од Свети Наум до охридското пристаниште.

– Промената на должината на патеката доаѓа само по себе. Како Пливачка федерација на Македонија (ПФМ) ги следиме сите правила и официјални дисциплини на ФИНА за кои можеме да зборуваме на европско и светско и олимписко ниво. Ништо не се менува. Традицијата останува, името на патеката останува „Климе Савин“. Без трка на 25 километри не можеме да разговараме за доаѓање на светската пливачка елита или организирање на светски настан од вакви размери – истакна претседателот на ПФМ, Александар Маленко.

Тој нагласи дека годинашното издание на маратонот е организирано само од ПФМ, и додаде дека не добиле помош ниту од општина Охрид, ниту од претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Почеток на 32-то издание на Охридскиот пливачки маратон ќе го означи единаесеткратниот победник Петар Стојчев.

Бугарскиот пливач победуваше од 2001 до 2004 година, а една година од тронот го симна Французинот Жил Рондо, а потоа триумфираше од 2006 до 2012 година во низа.

Наградниот фонд изнесува 15.000 долари.

 

МИА

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top