| четврток, 6 декември 2018 |

Зоран Анчевски ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП (видео)

Зоран Анчевски ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за книгата „Небесна пантомима“, издание на „Темплум“. Признанието се доделува на Струшките вечери на поезијата за најдобро поетско остварување меѓу два фестивала.

– Движејќи се во димензијата на предметноста на доживеаното, Анчевски секогаш одново, на суптилен поетски начин, ни ги посочува замките на привидот, како да сака да нѐ предупреди на целата сложеност на човековиот микрокосмос. Тој дури ќе даде своевидна лирска дефиниција за „привидот на овој живот“ како „сидро спуштено од една бескрајна небесна пантомима“. Не само во посочената насловна и амблематична песна, туку низ сите песни во книгата е овозможена една моќна и сугестивна енергија на поетски слики, кои ритмички конвергираат околу стожерните мотиви, подвлекуваат во својата одлука членовите на жирито во состав: Данило Коцевски (претседател), Наташа Аврамовска, Наташа Сарџоска и Милош Линдро членови и Иван Шопов секретар.

На конкурсот за „Браќа Миладиновци“ пристигнаа 42 творби, а жирито не го криеше задоволството од големиот број книги, нивната разноликост, јазично-стилските и тематски особености. Во најтесниот круг влегоа: „Под дервишкото сиќе“ на Андреј Ал Асади, Јордан Даниловски „Гласови“, Јовица Ивановски „Остави ме да си доиграм“ и Сузана В. Спасовска „Пеперутка од пепел“.

-Со вирусот СВП се заразив уште во студентски денови, кога со моите колеги доаѓав и спиев на плажите, само и само да ги следам поетските случувања тука. Потоа низ професионалното работење и мноштвото мои ангажмани тесно поврзани со раководењето и работата на оваа институција, вирусот СВП траеше и трае до денес. Од некогашен хипи-поет, сега сум лауреат на оваа најголема македонска награда за поезија, рече годинашниот добитник на „Браќа Миладиновци“ поетот и преведувач Зоран Анчевски.

Директорот на СВП Мите Стефоски напомена дека критериумите за доделување на наградата беа прочистени и прецизирани во 2103 година, со цел достојна промоција на лауреатот кој е преведуван и на англиски јазик. СВП се надева дека наградата „Браќа Миладиновци“ ќе прерасне во државна наградаа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top