| четврток, 6 декември 2018 |

30 лица се борат за едно работно место: Преку 6000 слободни работни места во македонски комапнии

За повеќе од 186 илјади лица кои бараат работа отворени се над 6.000 слободни работни места. 

Македонските компании најмногу бараат чистачи. Од вкупниот број огласени слободни работни позиции со хигиеничари за станбен и деловен простор треба да се пополнат 1.383. Во моментов втора најбарана професија е продавач. Трговските фирми вработуваат 479. Работодавците имаат потреба и од 230 шивачи на текстил, 218 келнери, 196 општи работници, 193 таксисти, 191 шивач… Од професиите за кои е потребно високо образование, меѓу топ 25 барани занимања објавени на веб-страницата на АВРМ има само огласи за 109 програмери.

Како и обично, најголем работодавец е трговијата. Од бараните работници половината, или над 2.500 се за вработување во трговска фирма. На второ место е преработувачката индустрија која побарува околу 1.400 работници. На трето место според објавените слободни работни места се објектите за сместување и сервисните дејности со храна на кои им се потребни околу 400 работници. Следуваат транспортот и складирањето кои бараат 360 работници и градежништвото со огласи за 327 вработувања, со кои се заокружува топ петорката најголеми работодавци во државата.

Според актуелните огласи во дејноста информации и комуникации има 128 слободни работни места, во финансиските дејности и осигурувањето 42, во снабдувањето со електрична енергија, гас и пареа само две, а во стручните, научните и техничките дејности – 80. Во овие дејности, според Државниот завод за статистика просечната плата е највисока.

Повеќе од две третини од актуелните огласи за работа, или 1.863 се од скопските работодавци. Следна според бројот на барани работници е Виница, каде треба да се пополнат над 500 работни места. Во Битола се бараат 202, во Кочани 146, во Тетово 123, а во Куманово 106 работници. Во сите останатите градови има огласи за помалку од 100 работници. Фирмите од Кратово, Демир Хисар и Свети Николе не објавиле ниту еден оглас за враобтување, во Крушево се бара само еден, а во Берово и Валандово по два работника.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top