| четврток, 6 декември 2018 |

Штипската болница бара европски пари за две одделенија

Штипската Клиничка болница преку проекти од Програмата за меѓугранична соработка Македонија-Бугарија бара европски пари за два проекта.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека проектите се аплицирани во соработка со Центарот за развој на Источно-планскиот регион и се однесуваат за реновирање на Инфективното одделение и набавка на апарати за Физикачна терапија.

– Едниот проект е за реконструкција на Инфективното одделение тежок 140.000 евра, кој се надевам дека ќе го добиеме. Тоа е таа зграда која што ќе остане надвор од новиот објект на Клиничка болница-Штип и што треба да ја реновираме како што треба, вели Ѓеорѓијев.

Во моментов во зградата на Инфективното одделение, која е градена за да ги задоволи капацитетите на пациентите за целиот источен регион е сместено и Одделението за неврологија, кое како што вели Ѓеорѓијев, ќе биде преселено во новата зграда на Клиничка болница-Штип. Вториот проект е за набавка на апарати за Одделението за Физикална терапија.

– Тоа е проект во вредност од 20.000 евра, со кој е предвидена замена на целокупната медицинска опрема за Физикалната терапија, вели Ѓеорѓијев.

Штипската Клиничка болница, но и општините, јавните претпријатија и останатите државни институции од источниот регион резултатите од аплицирањето за средства од Програмата за меѓугранична соработка Македонија – Бугарија ќе ги знаат за два месеца

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top