| четврток, 6 декември 2018 |

Заев во еден одговор со два различни поима!

 Предраг Димитровски

Просто неверојатно звучи информацијата, што од последната собраниска седница посветена на пратеничките прашања ја пренесе на својата веб-страница весникот „Нова Македонија“. Ако е точно, повторувам ако е точно тоа што е објавено, премиерот Зоран Заев во еден одговор на пратеничко прашање во врска со спогодбата со Грција користи два различни поима, што како Бог и шеширџија се разликуваат еден од друг, и наместо да ги разјаснува работите, само дополнително ги комплицира.

Угледниот, честитиот и достоинствен премиер на се уште Република Македонија, човекот кој додека го дише овој македонски воздух, додека го држи памет дека неговиот дедо, татко, сите негови претци, тој, неговите син и ќерка се Македонци, родени овде во Македонија, немаше да го смени името на државата, но и не само тоа, туку и веруваше дека не постои роден човек во Македонија, кој е подготвен да излезе пред Парламентот и да побара промена на Уставот заради промена на уставното име, човекот кој, сепак, ќе биде премиер на Република Северна Македонија, одговарајќи на прашањето од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајчо Димков, бил дециден дека без решавање на спорот за името со Грција и имплементација на Договорот од Преспа, Македонија не може да очекува да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО. Според него, не е точно дека по Договорот со Грција „сега е готово, ние немаме име“.

– Имаме договор за признавање на македонскиот јазик, на македонскиот етнички идентитет. Повеќе никој во светот, никој од нашите соседи не го спори нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет. Ова е надмината ситуација и вредна историска работа. Доколку референдумот биде успешен и граѓаните го поддржат договорот, следуваат уставни измени – истакнал премиерот.

Ако на Интернет се напише Republic of North Macedonia и Republic North of Macedonia не е исто, потенцирал премиерот и ги повикал оние што го прават тоа да не шират такви тези и да велат дека сега ќе се викаме „Република северно од Македонија“. И додал дека сите земји, кои користат придавка пред своето име, ја користат на ваков начин, Северна Каролина, Северна Ирска. Тоа, според него, е класична меѓународна класификација и доколку граѓаните го поддржат ова, ќе сме се викале Република Северна Македонија.

-Ќе бидеме Македонци и ќе зборуваме македонски јазик, единствен во светот. Точно е дека од 1977 година е впишан во графите на ОН, но не беше признат од соседите, не се употребуваше – рекол Заев и додал дека со Договорот „добивме потврда за македонскиот јазик и за македонското државјанство“.

Забележувате, премиерот Заев прво го користи поимот македонски етнички идентитет, а само неколку редови подолу поимот македонско државјанство. И сега што е точно, што е постигнато со спогодбата со Грција-признавање на македонскиот етнички идентитет или само на македонското државјанство? Очигледно, премиерот самиот се врзува во јазол од кој не може да се одврзе. Реакциите и од Грција и од Бугарија се дека согласно договорите, тие не се обврзани да признаат постоење на македонски народ и нација. Затоа и нема одговори од наша страна. Исто како што остана без одговор и забелешката на професорот Тони Дескоски дека и по потпишувањето на двата договора, македонската нација останува непризната.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top