| четврток, 6 декември 2018 |

Арсовски: Инволвираните во скандалите со здравство и Фондот за иновации да поднесат оставки

Јавното обвинителство за гонење на дела од областа на организиран криминал не смее да фингира истраги и да биде главен режисер во фарсата која што ја гледа јавноста деновиве, која наликува на се освен на борба против криминалот на власта, истакна денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

-Дали сме сведоци дека деновиве криминалниот картел се обиде да украде цели 45 милиони евра преку Министерството за здравство и Фондот за иновации? Наместо да бидат оставени да ги прикриваат трагите и да глумат невиност по прес конференции, Венко Филипче, Кочо Анѓушев, Хари Локвенец, Цветанка Ласкова, Јован Деспотовски и останатите инволвирани мора да бидат повикани на одговорност, да бидат сослушани и да им бидат одземени ингеренциите уште веднаш. Доколку имаат трошка морал, инволвираните во овие скандали мора да си дадат оставки и да остават органите на прогонот да го сработат своето- рече Арсовски.

Додаде дека соопштенијата од јавното обвинителство дека ќе постапат по допрен глас, не смеат да бидат покритие за да се стиши револтот кај јавноста од општиот грабеж што се случува во моментот.

-Доколку нема ефективна истрага и нема одговорност индиферентноста на органите на прогонот може да се протолкува како нивно соучесништво во истава оваа афера и скандали. Граѓаните очекуваат одговор дали се сослушани Филипче, Анѓушев, Ласкова, Локвенец и Деспотовски? Кој влијаел и кој одлучил 45 милиони евра на граѓаните да се делат на фирми блиски до функционерите на СДСМ? Кој премолчил за конфликтот на интереси?- праша Арсовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top