| четврток, 6 декември 2018 |

Едногодишното девојче што било ѕверски истепано, се бори за живот на КАРИЛ

Едногодишно женско дете, безмалку уште бебе, со сериозни повреди на главата и по телото се бори за живот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), откако завчера лекарска помош за него и за себе побарала мајката, и таа повредена, објави „Независен“.
Како што објавува весникот, детето има скршеници на двете нозе, крвавење во мозокот и скршеница на челната коска. Се претпоставува дека и претходно било малтретирано, бидејќи скршениците на нозете се стари две до три недели.

– Детето има крвавење во мозокот и стари фрактури за кои денеска ќе одлучиме дали да се оперираат. Сме имале пациенти повредени во сообраќајни несреќи, сме имале деца случајно згазени, но вака тепано дете ние на КАРИЛ досега не сме виделе – изјавила д-р Маја Мојсовска, директорка КАРИЛ за „Независен“.

Завчера во 12.45 часот од Ургентен центар во полиција пријавиле дека била примена дваесетгодишна жена од Скопје со видливи повреди на телото и нејзината едногодишна ќерка со тешки повреди. Мајката била веднаш пуштена од болница бидејќи имала лесни повреди, но во полиција неколку пати ги менувала исказите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top