| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе ги дочекаат ли пациентите шарените лаги на Заев и Филипче

 Дафина Стојаноска
– пратеничка

По не знам кој пат досега, во изминатава година, слушнавме уште едно големо ЌЕ од премиерот и министерот за здравство изминативе денови. Ќе биде бесплатното болничко лекување за сите во Република Македонија (или во Република Северна Македонија), и тоа замислете, од први јануари 2019 година или, поточно, од февруари 2019 – та.

Нивното ВЕДНАШ да ти значело за две години. Дотогаш Клиничкиот центар во државава ќе се претвори во една огромна депонија. Дотогаш уште многу болни во државава ќе бидат принудувани да си бараат услуги во приватните здравствени установи или да останат болни и поболни. Дотогаш здравствената кадровска политика на оваа владеачка гарнитура ќе го доуништи здравствениот систем. Дотогаш, уште еден куп шарени лаги и ветувања, сите добро затскриени со „решавањето на спорот со името“, односно со капитулацијата на милениумот.

Немањето капацитет и визија за здравствена политика, премиерот и министерот повторно се обидуваат да ги затскријат со големи ветувања за работи кои досега веќе требаа да бидат реална реформа во Република Македонија (или Република Северна Македонија ).

И, доколку младите и можеби можат да се стрпат за некоја си подобра иднина, доколку и земјоделците можеби и можат да се стрпат за конечно нивниот ресорен министер да им ги реализира ветувањата, доколку и социјалните случаи можеби и можат да се стрпат за министерката да им ги реализира ветувањата, болните тоа не го можат. Болните имаат само еден приоритет, а тоа е нивното здравје. Ним болеста не им овозможува да се грижат толку за името на државава. За болните е НЕОПХОДНО да се започне конечно со реформи во здравството.

Но, кој да ги започне? Премиерот? Министерот?

За жал, се остана излажано во етерот на предизборијата и пишано на лажните програми и планови.

Повторно имаме само најави и промени на плановите. Од 369 – стана 18; од веднаш – стана за подоцна итн. Се, само не ветеното. Од нов клинички центар, стана: во 2020 ќе се започне со проектирање на истиот. А, во меѓувреме, докторите продолжуваат да си заминуваат. Во меѓувреме, пациентите чекаат во крајно нехигиенски и субстандардни услови по болниците и клиниките. Во меѓувреме, се вработуваат партиски кадри и се назначуваат несоодветни раководители.

Излажани, по којзнае кој пат, болните во Република Македонија (или Република Северна Македонија) можеби и да ја дочекаат ветената шарена лага на Заев, заедно со промената на името, во јануари 2019 – та. Но, ако не се случи и тоа, не знам која лага ќе го испере премиерот и кое ветување ќе го измисли министерот.

Времето неповратно тече, мандатот им се ситни, а тие сеуште планираат и менуваат планови. А, беа толку храбри и одлучни лани ова време. Па, сега, после цела година, велат дека не можеле преку ноќ да направат ништо. Цела година за нив значи една ноќ. Тие требаше бели ноќи да прогласат и деноноќно да работат за реализација на ветеното. Владите на ВМРО ДПМНЕ работеа 24/7, а оваа влада не знае кај ја потроши изминатава цела година.

Само едно средија преку ноќ. Името. Сето останато може и да почека, според нив. Жално, но вистинито.

ЌЕ ИМА БЕСПЛАТНО БОЛНИЧКО ЛЕКУВАЊЕ ЗА СИТЕ. ЌЕ БИДЕ.

Да беше можно враќање во иднината, ќе им беше можеби полесно сеуште да лажат.

Прекинете со лаги и ветувања! Фаќајте се за работа!

Името што го продавате нема да го подобри здравството во државава. Здравството чека на вас.

Болните се излажани. Докторите не се задоволни. Медицинскиот персонал ви стои пред врата. Немате веќе ни ден, ни ноќ за манипулирање.

Зборот „ЌЕ“ избришете го од вашиот вокабулар. Време е за СЕГА и ВЕДНАШ!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top