| четврток, 6 декември 2018 |

Брнабиќ: Нема да има смени во Владата додека трае битката за Косово

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека доколку има некој взаемно прифатлив компромис за Косово на маса, која пред се ќе биде прифатлив за Србија, верува дека народот ќе застане зад претседателот Александар Вучиќ и зад Владата.

Во интервјуто за весникот „Вечерни Новости“, по повод годишнината од работата на Владата, Брнабиќ додаде дека нема да има смени во Владата се додека се води „битката за Косово“.

Брнабиќ изјави и дека не гледа причина зошто некоја друга страна, покрај ЕУ, би се вклучила во дијалогот меѓу Белград и Приштина, додавајќи дека доколку САД се вклучат како што тоа го бара Приштина, тогаш во дијалогот би требало да се вклучат и другите две големи сили – Русија и Кина, кои не ја признаваат независноста на Косово.

Во врска со надворешната политика таа посочи дека не е особено разочарана затоа што Србија неодамна отворила само две поглавја во преговорите со ЕУ бидејќи „Белград води мудра надворешна политика и треба да остане посветена на евроинтеграциите, што би требало да биде и стратешка цел на земјата“. Брнабиќ е задоволна со сето она што го има постигната Владата во првата година од мандатот, особено во поглед на животниот стандард на граѓаните.

– Платите во јавниот сектор се зголемени меѓу 5 и 10 отсто, а до крајот на годината ќе ги укинеме мерките со кои беа намалени пензиите, посочи Брнабиќ, констатирајќи дека е најмногу горда на отварањето на Клиничкиот центар во Ниш и на двата музеја во Белград-Народниот музеј и Музејот на современа уметност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top