| четврток, 6 декември 2018 |

Германија обезбеди договори со 14 земји за брзо враќање на мигрантите

Германската канцеларка Ангела Меркел обезбеди договори со 14 земји за брзо враќање на мигрантите кои се обидуваат да влезат во Германија, се наведува во документот во кој имала увид агенцијата ДПА.

Меркел ги објавила договорите во писмо на осум страници испратено до партиските лидери на нејзините два коалициски партнера.

Барателите на азил кои пристигнуваат во Германија и кои се прво регистрирани во други земји од ЕУ, ќе бидат префрлени во поголеми прифатни центри, каде ќе се разгледуваат нивните апликации, наведува Меркел во документот.

Унгарија, Полска и Чешка се меѓу земјите кои се согласиле за брзо враќање на баратели на азил, кои прво се регистрирале на нивна територија, а потоа се обиделе да влезат во Германија. Овие три држави се големи критичари на миграциската политика на германската канцеларка.

Останатите земји, кои се согласиле за враќање на мигранти, се Белгија, Данска, Естонија, Финска, Франција, Литванија, Летонија, Луксембург, Холандија, Португалија и Шведска.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер и даде рок на канцеларката Меркел до следниот месец да најде начин за спречување на приливот на мигранти во Германија, во спротивно таа ќе се соочи со распаѓање на коалициската Влада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top