| четврток, 6 декември 2018 |

Белгија избра лесен ривал во осминафиналето, но пекол после тоа

Во последните мечеви од групната фаза на Светското првенство во Русија, Белгија и Тунис остварија победи над Англија, односно Панама.

Во дербито на денот Белгија беше подобра од Англија во мечот кој не ги оправда очекувањата, а дека нема да има вистински возбудувања се знаеше уште од претходно кога и едните и другите го обезбедија осминафиналето.

Дека резултатот не беше во прв план за нив, селекторите покажаа така што на теренот испратија речиси целосно резервни состави.

Тилеманс во шестата минута им се закани на Англичаните, кога младиот Пикфорд сепак ја исфрли топката. Набрзо Батшуаји за малку ќе погодеше за водство на Белгијците, но Кејхил спаси на линијата.

Во првото полувреме немаше премногу атрактивен фудбал, иако се стекна впечаток дека „Црвените ѓаволи“ се нешто поопасни и поконкретни од заспаната англиска селекција. На крајот на краиштата, Белгија имаше два, а Англија ниту еден удар во рамките на противничкиот гол за 45 минути.

Во 49. минута Рашфорд имаше стопостотна шанса но не ја искористи одличната топка од Варди и ситуацијата еден на еден заврши со промашување. Куртоа беше совладан, но топката мина крај неговата лева статива.

И тогаш во 51. минута Јанузај постигна прекрасен гол со удар од 20-тина метри. Англија можеше да дојде до 1:1 во 66. минута, но Рашфорд повторно уништи зицер, повторно по асистенција на Варди.

До крајот Англија напаѓаше повеќе и се обидуваше да го избегне првиот пораз на Мундијалот, но не успеа и Белгија со максимални девет бода оди понатаму, додека Англија завршува втора со шест.

Тоа значи дека Белгија во осминафиналето ќе има полесен противник, со оглед на тоа дека ќе се соочи со Јапонија, но потоа за Белгијците следува пекол, бидејќи се на истата страна од костурот со репрезентации како Франција, Аргентина, Бразил, Португалија, Уругвај, а противник во четвртфиналето може да им бидат токму „Кариоките“, додека Англија ќе игра со Колумбија, но со многу полесен костур бидејќи има потенцијални противници во Данска, Швајцарија, Русија…

Во вториот натпревар од групата Г Тунис со 2:1 славеше над Панама, па Мундијалот го завршува на третото место.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top