| четврток, 6 декември 2018 |

Британска адвокатка дел од преговорите за името

Блин Најгрејлеј, британска експертка по меѓународно право, е една од причините што преговорите за името влегоа во блокада, објави Алфа од дипломатски извори. Британската правничка, која инаку била дел од стручниот тим на Македонија во тужбата против Грција пред Меѓународниот суд, е вклучена по шестчасовните тензични и безуспешни разговори меѓу тимовите водени од Димитров и Коѕијас, во Брисел. Оваа средба уследеше после Њујорк, каде двете страни со посредство на Нимиц постигнаа договор, но овој пат, македонската страна се обидела да постави поинаква рамка од претходно договорената во САД. На грчката страна не и се допаднала позицијата на тимот на Димитров, и разговорите станале маратонски, велат нашите извори. Кога веќе било очигледно дека тврдите грчки позиции нема да се поместат, тогаш Димитров ја повикал Најгрејлеј.

Но ситуацијата станала уште потензична оти на Коѕијас не му се допаднале правните толкувања на британската адвокатка, па категорично ги прекинал преговорите, поставувајќи услов со закана: или Скопје да се врати на старата рамка или пак ако сака да ја избрише, процесот ќе почнел одново без гаранции како ќе течат работите.
Тогаш македонскиот тим побарал време да се консултира во Скопје. Работата експлодирала потоа, во Атина, кога се сретнале работните групи од двете страни. Проблемот настанал околу објаснувањето на терминот „ makedonski “ за нацијата и јазикот, оти грчката историја инсистирала да го оддели од античката историја и јазикот, објаснуваат нашите извори.

Британската адвокатка не е единствениот странец кој бил вклучен во преговорите низ изминатите децении. Странските фактори се присутни и во скриена, или пак, како што и отворено вчера кажа американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел: играат тивка улога за побрзо решавање на спорот.

-Дел од нашиот тим во моментов работи на ова прашање, а САД продолжуваат да играат тивка улога заедно со ЕУ, Германија и останатите, охрабрувајќи да се најде решение за името, за да ја видиме Македонија како членка на НАТО, изјави Мичел.

Денеска и американскиот амбасадор од Струга порача дека остава на двете земји да се договорат.
-Веќе долго време им даваме поддршка на преговорите меѓу Грција и Република Македонија. Двете земји се пријатели на САД. Решавањето на долгогодишниот спор ќе донесе добро за двете страни, но ќе биде добро и за стабилноста и просперитетот на регионот, порача Бејли.

Решението, рече амбасадорот го чекаат граѓаните, но и ЕУ и САД.

Извор: Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top