| четврток, 6 декември 2018 |

Австрија бара воена заштита на границите кон БиХ

Сѐ поголемиот број мигранти што поминуваат низ маршрутата што води низ Босна и Херцеговина и Хрватска ги заостри односите со соседните земји од Европската Унија. „Јутарњи лист“, повикувајќи се на неофицијални извори, пишува дека Австрија и Словенија со месеци ја заоструваат политиката кон мигрантите и затоа бараат границата кон Хрватска да се штити и со војската на Босна и Херцеговина.

Австрискиот министер за внатрешни работи Херберт Кицкл деновиве јасно порача дека на разговорите со министрите од регионот договорил активирање на воено-полицискиот план, со цел спречување на приливот на мигранти, кој е договорен и потпишан во Прага во 2017 година. Овој план вклучува поставување војска на надворешните граници на шесте држави-членки на ЕУ, меѓу кои е и Хрватска. Доколку тоа не се случи, Австрија ќе ги затвори своите граници. Меѓутоа, извори од хрватското МВР тврдат дека таков договор не е постигнат, а Хрватска не се согласува со испраќање војска на границите.

– Јасно ѝ порачавме на Австрија да биде конструктивна, а на словенечките колеги им рековме дека евентуалниот нивен договор со Австријците од Хрватска да направат хотспот-дестинација нема да им успее – велат соговорниците на „Јутарњи лист“.

Во овој момент околу 6.100 хрватски гранични полицајци вршат надзор на границата на Хрватска кон Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, но наскоро нивниот број ќе биде зголемен. Во однос на австрискиот план, Хрватска веќе подолго време активно работи на друг план за надгледување на границите, за што има поддршка и од Европската комисија. Од Хрватска инсистираат членките на ЕУ заеднички да се ангажираат во помошта за земјите што се наоѓаат на мигрантската маршрута, која се однесува на опремување и обучување на полициските сили, обезбедување сместувачки капацитети за мигрантите итн. Ова подразбира и обезбедување помош за БиХ, Албанија, Црна Гора и Македонија.

За тоа која политика ќе добие поголема поддршка ќе се разговара и на состанокот на директорите на полициите на земјите од регионот на Брдо кај Крањ. Денеска во Сараево ќе се одржи состанок на министрите за внатрешни работи на сите земји од регионот, вклучувајќи ја и Австрија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top