Пред само неколку дена Членот на Синодот на МПЦ и владика на Европската епархија, владиката Пимен даде изјава дека што и да се случи, МПЦ нема да го смени името и ќе остане Македонска православна црква.
Македонската православна црква нема да го прифати новото име за Македонија, како и да е предлогот што ќе го договорат македонската и грчката страна, категорично потврди Владиката Пимен за време на одбележувањето на 1.000-годишнината од Охридската Архиепископија. Членот на Синодот на МПЦ и владика на Европската епархија, владиката Пимен, изјави дека црквата не сака да го менува називот затоа што името се поврзува со македонскиот идентитет.
-Ние искрено се надеваме дека нема да отстапиме од нашето уставно име. Ако на крајот мнозинството надвладее за да одлучи да се промени, во името на црквата ние секако тоа не би го инкорпорирале во нашето име. Нашето име е Македонска православна црква бидејќи се врзува со нашиот идентитет, а не со мноштвото на народи кои ги имаме. Црквата треба да стои над политиката и нема да посегне по тој чекор да го промени своето име, затоа што имаме ние и еклисиолошко име Охридска Архиепископија, имаме национално име како Македонска православна црква, изјави Владиката Пимен, Митрополит на Европската епархија на МПЦ.
Од вчера имаме нова реалност. Додека Пимен смета дека Македонска православна црква е соодветно бидејќи се врзува со нашиот идентитет, портпаролот на МПЦ – ОА, владиката Тимотеј, пак, смета дека е прифатливо името Охридска архиепископија, а на својот сајт Вселенската партијаршија објави дека го разгледуваат барањето на македонската црква во канонски поредок да влезе под името Охридска архиепископија.
Оттаму соопштија дека откако добиле барање и писмо од македонскиот премиер, Вселенскиот патријарх во рамки на неговите надлежности и прерогативи ќе го разгледа и ќе се преземе тоа што е потребно за враќање на црквата на Скопје во канонски рамки под името Охридска архиепископија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.