Тетекс и Турново одиграа нерешено во првите натпревари од квалификациите за пласман во Европа Лигата. Тетекс на домашен терен одигра 1-1 против ерменски Пјуник, иако заслужи победа. Со судиска помош, гостите поведоа во 81. минута. Ајвазјан се најде во „дебел“ офсајд, но судиите не сигнализираа недозволена ситуација, по што Пјуник поведе. Во самиот финиш Генц Исени искористи грешка на одбраната на гостите и израмни на 1-1. Реваншот е за една седмица во Ереван.
Турново дебитираше на европската сцена со одличен резултат од 2-2 против Судува, нагости. Македонскиот состав одигра добро, храбро и се избори за добар резултат пред возвратниот дуел во Скопје.
Судува поведе по 23 минути игра со голот на Башиќ, но Турново возврати со два погодоци до крајот на првиот дел. Напаѓачкиот тандем Балдовалиев и Блажевски постигнаа по еден гол, за комплетен пресврт. Балдовалиев со прецизен удар од работ на шеснаесетникот израмни на 1-1, а во 45. минута Блажевски од пенал погоди за 2-1 за Турново. Пеналот над него го направи голманот на Судува, Давидовс.
Во второто полувреме литванскиот состав притисна, се обидуваше да израмни, а за жал тоа им појде од рака во 85. минута. Валскис беше најснаодлив и ја погоди мрежата на одличниот Стојан Димовски. И со овој резултат од 2-2, Турново има реални шанси на дебито да го мине првото квалификациско коло во ЛЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


