| четврток, 6 декември 2018 |

Леѓен вода за среќа на министерот Димитров

Нешто се случува со дискретниот шарм на македонската дипломатија. Или веќе не дава резултати или целосно го изгубил својот сјај. Сигурно не случајно министерот за надворешни работи, Никола Димитров, пред заминувањето за Њујорк на средби со неговиот грчки колега Никос Коѕијас и медијаторот Метју Нимиц и се обрати на јавноста преку својот фејс-бук профил.

– Пуштајте ми ве молам мудрост и нерви – напишал тој.

Чудно! Зарем досега во преговорите со Грција не требаа мудрост и нерви и многу повеќе од тоа? Знаење, умеење, дипломатија, меѓународно право, историја… И доволни беа само пет-шест луѓе како советнички тим, наспроти оние над 60 ангажирани од грчка страна и тоа од сите сфери, па немаше никаква потреба од обраќање на фејс-бук. Или, пак, македонската страна даде се што и беше побарано од Атина и сега остануваат „некои дребулии„ за кои е потребно само малку мудрост и нерви?

Нејсе. Чисто човечки е ако некому не можеш да му помогнеш, тогаш барем не му одмагај. Не знам кој и како ќе му праќа, мудрост, а уште помалку нерви. Ама лично, според традицијата, му посакав многу среќа. И, како што е редот, по скалите истурив полн леѓен вода. На соседот, кој ме виде, му објаснив зошто го сторив тоа. И наидов на целосно разбирање. Сепак, се работи за Македонија, за државата. Додуша, за која, каква, дали и со каква додавка, допрва ќе видиме. А, одлуката на министерот Димитров дека ќе ја напушти својата позиција доколку пропадне укажаната можност за разрешување на спорот, што Грција го има со нашето име, апсолутно ништо не ми значеше. Тоа е чисто негов избор.

Пишува: Предраг Димитровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top