| четврток, 6 декември 2018 |

Исчезна Саудискиот престолонаследник, се шпекулира дека принцот е убиен

Безмалку еден месец ниту трага ниту глас од престолонаследникот на Саудиска Арабија, бин Салман, пренесува агенцијата Спутник, повикувајќи се на блискоисточни медиуми.

Дел од иранските медиуми шпекулираат дека принцот би можело да е убиен за време на наводниот обид за државен удар, што се случи минатиот месец. Според пишувањата на агенцијата „Кејхан“, во извештајот на тајните служби, испратен до високи претставници на една арапска држава, чие име не се открива, се вели дека бин Салман е убиен со два куршума за време на нападот на неговата палата, на 21 април. Агенцијата оценува дека тој најверојатно е мртов бидејќи од тогаш принцот се нема појавено во јавноста.

Официјалната верзија за пукотниците во кралскиот двор, била дека обезбедувањето пукало врз играчка-дрон, но набрзо дошло и признанието дека кралот Салман и престолонаследникот се евакуирани во воен бункер.

Дополнително, за време на „исчезнувањето“ на принцот, Саудиска Арабија не ја намали дипломатската активност, со таа разлика што наместо принцот, кој ја имаше преземено целата надворешна политика, странските гости ги прима болниот крал Салман.

Дека „ѓаволот ја однел шегата“, се виде и кога принцот Мухамед не се појави за време на посетата на новиот државен секретар на САД, Мајк Помпео, на 27 април, туку високиот американски претставник, беше пречекан од кралот Салман.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top