Во насока на промовирање на современите културни достигнувања, општина Илинден од 15 до 19 мај 2018 година, ќе ја организира 19-та Литературна манифестација „Илинден 2018“.
Манифестацијата свечено ќе биде отворена на 15 мај, со почеток во 19:00 часот, во домот на култура „Илинден“, а централниот настан – Поетски митинг „Стихови за душата“ ќе се случи на 18 мај, со почеток во 19:00 часот, со настап на триесеттина писатели од Македонија и од балканските држави.
Како дел од манифестацијата во домот на култура „Илинден“ од 15 до 18 мај под мотото „Денови на книгата“ ќе се одржи саем на книгата, каде што љубителите на пишанот збор ќе можат да се запознаат со најновите изданија и да најдат богат избор на книги.
Во рамките на манифестацијата ќе се одржи промоција на книгата „Триптих за Македонија“ од Раде Силјан, како и промоции на книги од млади автори. Пред љубителите на пишаниот збор ќе биде претставен портретот на словенечкиот писател Милан Јазбец, актуелен амбасадор на Република Словенија во Република Македонија, при што стихови од поетската книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ на словенечки и македонски јазик ќе читаат членови на Словенечкото друштво за пријателство во Република Македонија.
Литературната манифестација ќе биде збогатена со Книжевна средба со поетите на Седумдесетите години: Веле Смилевски, Ефтим Клетников, Ристо Лазаров, Санде Стојчевски, Катица Ќулафкова, Бранко Цветковски и Славе Ѓорго Димовски, а во музичкиот дел, присутните на литературната манифестација ќе можат да уживат во музички колаж на Марјан Јанковски и „Портал“.
Дел од манифестацијата е и традиционалното Литературно матине за деца, на кое ќе настапат повеќемина писатели за деца и млади. На Литературното матине ќе бидат доделени награди и пофалници за најуспешните творби на учениците, пристигнати на литературниот конкурс распишан од општина Илинден.
Општина Илинден ги поканува сите љубители на пишаниот збор да ја посетат 19-та Литературна манифестација „Илинден 2018“ и да присуствуваат на бројните културни настани. За таа цел Општината организира превоз за сите оние што сакаат да присуствуваат на отворањето на Литературната манифестација на 15. мај, како и на Поетскиот митинг „Стихови за душата“ на 18. мај. Од Порта Македонија, во центарот на Скопје, во 18:00 часот ќе поаѓа автобус кој ќе ги превезува посетителите на Манифестацијата до општина Илинден и ќе ги враќа кога ќе заврши вечерниот настан, што почнува во 19:00 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.