На Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев, итно му е потребна „помош”. Пред се, финансиска. Далеку било, не за лекување. Господ само да му даде здравје и да го чува од лошо. И него и фамилијата. Средствата му се потребни за што побрзо завршување на станбениот објект, што неговата фирма Тотал инженеринг го гради на атрактивна парцела во Струмица. Значи, чисто да не чека со години. Зашто, досега не му биле вратени ни шест десетини од инвестицијата.
Шегата на страна, но ваков впечаток на сожалување се добива по вчерашното признание на премиерот Зоран Заев дека обелоденетиот скандал за продажба на парцелата на неговиот брат е точен.
– Станува збор за купопродажба на земјиште и во овој бизнис треба да поминат неколку години за инвестицијата да се исплати, рече Заев, додавајќи дека 60 отсто од инвестираните пари се уште не се вратени.
Трет ден Јавното обвинителство молчи, иако целата постапка околу купопродажбата на атрактивната парцела има неподнослива реа на судир на интереси и злоупотреба на службената положба и овластувања. Можеби тогашниот струмички градоначалник, а сега актуелен премиер на државата да не знаел дека првиот купувач на спорната парцела бил бизнис партнер на неговиот брат. Но, факт е дека на купопродажниот договор стои неговиот потпис. Исто како што е факт дека неговиот брат стои како краен корисник на градежното земјиште, а потписот на Зоран Заев стои и на решението за промена на инвеститорот. Брат брата не рани, ама тешко кој го нема! Молкот на Обвинителството може да значи многу работи. Не реагирањето по допрен глас наведува прво на селективност, а селективноста е сосема спротивна од политичката мантра-едно општество за сите.
Пишува: Предраг Димитровски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.