| четврток, 6 декември 2018 |

За сѐ што ве интересира за УЈП, закажете средба

Даночните обврзници од 1 мај годинава во скопската регионална дирекција на Управата за јавни приходи ќе треба задолжително да закажат средба за прашања поврзани од работата на Управата, а за кои имаат потреба од консултации „лице в лице“. За класичните услуги и поднесувањето на барањето остануваат непроменети на шалтерите на Управата за јавни приходи.

Услугата „Закажи средба“, како што беше посочено на денешната прес-конференција во Управата за јавни приходи, овозможува секоја странка да закаже термин за средба со даночен агент во време кое нему му одговара, според расположливите термини, а со цел консултација од даночната сфера како добивање општи информации за рокови, начини за пријавување и плаќање даноци, отворање бизнис и регистрација даночен обврзник, консултации за издадени даночни документи, утврдување даноци, постапка за наплата на долгови, правни прашања и консултации за други специфични прашања.

Целта на воведувањето на оваа услуга, како што беше истакнато, е подобрување на даночните услуги, намалување на времето на чекање, намалување на метежите на даночните шалтери, навремена услуга и точен одговор за даночните обврзници.

Од УЈП истакнаа дека Регионална дирекција Скоје е отворена за непосредна комуникација и соработка со своите даночни обврзници и ги очекуваат на претходно закажаната средба.

Закажувањето на термините за средба ќе се врши преку инфо центарот на УЈП 0800 33 000 или на телефонскиот број 02/3253-200, но и електронски преку веб страната на Контакт центарот на УЈП која овозможува пристап до услугата. Доколку даночниот обврзник не е во можност да присуствува на закажаниот термин потребно е средбата да ја откаже.

Услугата од 1 мај годинава е задолжителна за сите странки кои ќе ги користат даночните услуги во УЈП – Регионална дирекција Скопје, а странката кој нема претходно да закаже средба нема да биде во можност навреме да ги користи услугите на УЈП.

Од 1 јануари следната година услугата ќе биде достапна во сите други регионални центри на Управата за јавни приходи во земјава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top