Европската комисија препорача Македонија да ги почне преговорите за членство во Европската унија, соопшти попладнево на прес-конференција еврокомесарот Јоханес Хан, презентирајќи го извештајот за напредокот на земјата.
Препораката се базира на направената длабока анализа, нагласи Хан. Додаде дека е сторено е многу и тоа треба да биде пофалено, а ЕУ треба соодветно да одговори на тие напори.
– Реформите во јавната администрација борбата против организираниот криминал судството, оценувањето на судиите и обвинителите се видливи, ги гледаме резултатите од тие напори, напомена Хан.
Порача рефорите да продолжат – во јавната админстрација, борбата со корупцијата и организираниот криминал, а особено во судството.
Истакна дека политиката за проширување на ЕУ носи резултати, а земјите од Западен Балкан повторно ја потврдиле својата европска иднина. ЕК, како што посочи, за тоа ги награди Македонија и Албанија со препорака за почнување на пристапните преговори.
– Но тука не завршуваат напорите. Имаме уште многу работа. Далеку сме од готов производ, но сме на добар пат. Извештајот е позитивен и оптимистичен за Западен Балкан, но мора да напоменеме дека влезот во ЕУ треба да се заслужи. Важно е да кажеме дека целиот процес се заснова врз постигнатите резултати и секој треба да работи на она што му е дадено како задача, рече Хан.
Додаде дека наскоро ќе бидат видливи и конкретни резултати на Самитот во Софија, каде ќе бидат склучени конкретни договори со цел полесна соработка со ЕУ во неколку области меѓу кои економската соработка и енергетиката.
Нагласи оти во земјата и регионот е важно да се подобрат условите за инвестиции преку подобрување на економската клима и додаде дека владеењето на правото е мошне важен фактор во таа насока.
Високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, која вечерва заминува во посета на Тирана, утре на Скопје, а потоа и на Подгорица и Белград, го отвори пресот и напомена дека Западен Балкан е дел од Европа и оти во иднина ќе стане дел од ЕУ.
– Позитивната порака, која Скопје и Тирана ја очекуваа од ЕК дојде, рече Могерини.
Изрази уверување дека земјите од регионот ќе ги спроведат реформите и ќе покажат конкретни резултати, бидејќи, како што рече граѓаните на тие земји тоа го очекуваат од нивните власти.
Могерини нагласи дека со пакетот за проширување на Унијата ќе се зголемат мирот и стабилноста во регионот, но и во ЕУ, но и ќе се отворат економските можности за земјите-членки и земјите-кандидатки.
Хан доаѓа во посета на Македонија, при што ќе има средба со премирот Зоран Заев, а ќе учествува и на премиерскиот ручек на Дигиталниот самит што во наредните два дена ќе се одржи во Скопје.
За време на престојот во Скопје Могерини треба да се обрати и пред пратениците во македонскиот Парламент.
Извор: МИА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст