| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на „Темпера“ во Станица 26

На 18 април, со почеток во 21 часот во ноќниот клуб Станица 26 во организација на 3Гонга настапува македонската група „Темпера“. Во овој скопски бенд членови се музичките ветерани Мите Димовски на тапани, Ѓоле Максимовски на бас, Драган Гиновски на гитара и вокалистката со разорен глас, Тања Тас. На концертот ќе ги отсвират песните од нивниот албум „Играј“, премиерно ќе ја изведат во живо нивната нова песна „Не застанувај“ за која неодамна направија и видео запис, како и песни од нивниот нов албум кој е во подготовка.

Досега бендот има настапувано низ цела Македонија. Во 2014 година тие беа специјални гости на два фестивали „Белгрејд колинг“ и „Скопје Гори“, каде ѕвезда на вечерта беше Били Ајдол.

„Темпера создава музика полна со енергија и емоции, акцентирајќи ја индивидуалноста на изразот и нејзиното лично овоземно патување. Тоа е повик да не се дозволи да застане мислата, и тоа не само како своевиден танц со и во мислите, туку и во решителноста да се делува, да се истражува… и да не се игнорира поривот за игра, кој претставува своевиден одбранбен механизам за заштита и одбрана на душата. На концертот ќе свириме песни од албумот „Играј“ како и промоција на новиот материјал од нашиот втор албум кој е во подготовка. Очекувајте енергична свирка, бидејќи одлично функционираме во живо“, велат од бендот.

Гитаристот и композитор Драган Гиновски Гино од 1998 година, па се до 2011 година беше дел од култниот бенд Архангел и многу музички критичари го прогласија за еден од најдобрите рок гитаристи во земјава. Ѓоле Максимовски е музички активен од средината на 90тите, тој е басист и композитор на албумите на „Тилт“, „Сет“, „Беневентан Трио“, „Мозаик“ и „Кабадајас“. Од 1998 до 2005 година беше член и на „Архангел“. Учесник во снимањето на албумите на “Алшар”, „Мугер Фугер“ и 18 години е дел од „Влатко Стефановски Трио“, со кого заедно имаат остварено успешни соработки со неколку светски реномирани музичари како Јан Акерман, Теодосиј Спасов и Стефан Миленковиќ. Мите Димовски е тапанар, композитор, аранжер и продуцент. Својата музичка кариера ја започнува на свои 12 години во групата „Цилиндер“, како најмлад тапанар во поранешните југословенски простори. Најголемиот дел од својот музички пат го има поминато во групата „Архангел“. Низ својата досегашна 20 годишна кариера има учествувано на преку 400 проекти како продуцент, а покрај многуте музички имиња соработувал и со „Мизар“, „Анастасиа“, „Фолтин“, Кирил Џајковски, Влатко Стефановски…

Вокалистката и текстописец Тања Тас е ликовна уметница по вокација, а својата музичка кариера ја започнала на 16 години како вокал на македонскиот блуз бенд „Wild Bunch“. Континуирано од тогаш учествува во многу музички проекти заедно со „Кисмет“, „Лилит“, Горан Трајкоски Готра, „Аутмајнд“, Игор Атанасовски Харе, „Мугер Фугер“ и проектот Фем Фатал“ со Александар Ристовски – Принц.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top