| четврток, 6 декември 2018 |

„Јами дистрикт“ ќе го отвори 11. ИТФ „Лица без маски“

Претставата зборува за бесмисленоста на националните поделби во 21 век, кога науката и технологијата одат напред. Според режисерот Младеновиќ, претставата „удира и во стомакот и во главата“ зашто сакале да направат нешто радикално, нешто што ќе биде страв од следна војна

Документарната и политички ангажирана претстава „Јами дистрикт“ по текст на Милена Боговац и во режија на Кокан Младеновиќ од Србија вечер од 20 часот во Дом на АРМ ќе го отвори 11. Интернационален театарски фестивал „Лица без маски“.

Фестивалот за отворен ќе го прогласи актерот Висар Вишка. Под мотото „Најди начин“ тој ќе се одржува до 16 април до кога ќе бидат прикажани вкупно седум претстави – покрај претставата за отворање ќе има уште три гостински, како и три претстави од домашната театарска продукција.

Организаторите и за ова издание на „Лица без маски“ најавија квалитетни и значајни продукции, претстави кои по својата естетика нудат нови истражувачки и експериментални концепти.

Претставата со која вечер ќе почне 11. ИТФ „Лица без маски“ е продукција на БИТЕФ театар од Белград, новосадскиот Think Tank Studio и Фествалот Maszk од Сегедин, Унгарија. Раскажува за настан од селото Јамина, најстара палеолитска населба во историјата на човештвото, каде НАСА кажува дека е пронајден скелет од најстариот човек на планетата. Бидејќи се наоѓа на територија на три држави: Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, секоја се обидува тоа да го присвои.

Претставата зборува за бесмисленоста на националните поделби во 21 век, кога науката и технологијата одат напред. Според режисерот Младеновиќ, претставата „удира и во стомакот и во главата“ зашто сакале да направат нешто радикално, нешто што ќе биде страв од следна војна.

Следна на програмата е „Арктик“ во режија на Серџи Отс, на експерименталниот и независен театар „Понтен Пие“ од Шпанија. Се работи за сензорна претстава што е новина во Македонија. Од 13-ти до 15 април таа ќе има по три изведби на ден пред платото на Универзална сала каде што ќе биде поставена куќичка.

На 14 април на Малата сцена во Македонскиот народен театар ќе гостува „55 нијанси на геј“ на „Ќендра мултимедија“ од Косово во режија на Блерта Незирај. Претставата минатата година предизвика голем регионален интерес. Четвртата гостинска претстава е „Дримвил“ на „92. Арт театар“ од Атина во режија на Ефи Меравоглу, која ќе биде изведена на 15 април на Малата сцена во Македонската опера и балет.

Од македонската независна продукција на 13 април од 22 часот на Малата сцена на Универзална сала ќе гостува Интимен театар од Битола со претставата „Три напред, три назад (седум осмини)“ во режија на Софија Ристевска, која лани ја доби наградата за најдобра режија на ИТФ „Лица без маски“.

На последната фестивалска вечер (16 април) од 20 часот во Детскиот театарски центар ќе настапат минатогодишните победници на „Лица без маски“- независниот театар „Артопија“ со претставата „Ужегнатост“ во режија на Владимир Милчин.

Пред доделувањето на трите фестивалски награди, на 16 април од 22 часот на Малата сцена на МОБ ќе биде изведена кореодрамата „Ла Ла Ла“ – авторски проект на Саша Евтимова.

За трите фестивалски награди: Гран-при; Награда за најдобра режија и Награда за најдобро актерско остварување, ќе одлучува тричлено жири во состав: Дарја Ризова (актерка), Нина Николиќ (театарски режисер) и Драгана Лукан Николоски (драматург).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top