Во Театарот за деца и младинци-Скопје вечерва во 19 часот премиерно ќе биде изведена куклената претстава „Тоби“ според текст на Флоријан Зденек. Адаптацијата на текстот и режијата е на Драгослав Тодоровиќ од Белград.
Во „Тоби“ играат Марија Ѓорѓијовска, Катарина Илиевска Силјановска, Винета Дамческа Мојаноска, Ана Левајковиќ Бошков и Мики Анчевски. Креацијата на куклите, костимите и сценографијата е на Ирина Сомборац од Белград, со помош на Кирил Василев и Љубица Велкова. Видео анимацијата е на Емил Петро, а композитор е Виктор Апостолоски.
Првпат на сцената на ТДМ ќе видиме кукли во природна големина – слон и жирафа и тоа е она што ја одвојува оваа претстава од сите досегашни кои се играле во овој Театар. Претставата е исклучително шарена и убава, наменета за најмладата публика, но и за адолесценти.
– Претставатата не е моја, таа е наша. Текстот е многу интересен за мали деца, но и за адолесцентите бидејќи тие имаат најмногу превирања кога доаѓаат лудите или магарешки години, кога ништо не им се допаѓа на нивното тело. Постојано имаат незадоволство, се додека не ја согледаат личноста, а не ликот – рече режисерот Тодоровиќ.
Марија Ѓорѓијовска, која го игра кучето Тоби, рече дека целта на претставата е да бидеш таков каков што си, онака како што те создала природата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.