| четврток, 6 декември 2018 |

Над 20 повредени на протестите во Барселона

Над 20 лица се повредени во синоќешните протести во Барселона, предизвикан од одлуката на шпанскиот Врховен суд да издаде меѓународни потерници за Карлес Пуџдемон и уште петмина приврзаници за независност на Каталонија, јави ТАСС.

Вкупниот број на лицата на кои им била пружена медицинска помош е 24. Во повеќето случаи станува збор „за модринки добиени за време на протестот”, тврди каталонската служба за брза помош.

Според полицијата во Барселона, 10.000 луѓе учествувале во протестот.

Демонстрантите бараат и ослободување на притворените политичари на Каталонија.

Шпанската полиција по налог на Врховниот суд на Шпанија вчера приведе уште петмина каталонски сепаратистички лидери, меѓу кои и кандидатот за претседател на регионалната Влада на Каталонија, Жорди Турул.

Во налогот на Судот се нагласува дека тие треба да бидат задржани во притвор се додека трае истрага против нив за обид за отцепување на Каталонија од Шпанија.

Обвиненија за бунт, злоупотреби на функциите и непочитување на институциите на шпанската држава се покренати против вкупно 25 каталонски регионални лидери, меѓу кои се и петмината приведени.

По вчерашното приведување, Турул не ќе може да присуствува на денешната дебата во каталонскиот Парламент посветена на неговиот избор за претседател на регионалната Влада.

Покрај Турул, меѓу приведените каталонски лидери е и поранешната претседателка на Парламентот во Барселона, Карме Форкадел и тројца екс-министри во регионалната Влада на Каталонија.

Согласно шпанските закони, обвинението за бунт предвидува казна до 30 години затвор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top