Младенци — еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус каде што се слави споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за христовата вера. Младенци ги слават сопружниците во првата година од бракот, оние кои се венчале после 22 март претходната година. Се верува дека „Какво е времето денес, такво ќе биде цела пролет“.
Младенци секогаш паѓа во периодот на Великиот пост. Житијата за Светите четириесет маченици како и повеќето народни преданија за нив меѓусебно малку се разликуват, но во сите се зборува дека четириесетте војници од Севастија маченички загинале не откажувајќи се од христијанската вера. Во 320 година четириесет војници од еден полк во Севастија је одбиле наредбата да се поклонат пред римските идоли и да им принесат жртви. Кога изјавиле дека тоа го прават бидејќи веруваат во Исуса Христа најпрвин биле повикани кај градоначалникот и биле убедувани да се откажат од христијанството и да му се вратат на идолопоклонството, а кога тоа го одбиле биле затворени, мачени и изведени пред суд. Биле осудени цела ноќ да стојат во вода што смрзнува.
Во близината имало бања со топла вода, а на војниците им било речено дека ако некој се предомисли и се откаже од Исуса Христа да појде во бањата каде што го чекаат топла вода и вкусни гозби. Но момчињата храбро ги издржувале страдањата, молејќи се на Исуса и меѓусебно храбрејќи се. Само еден од нив не можејќи да издржи во водата што смрзнувала тајно го напуштил базенот и се упатил кон бањата, но на самиот влез во неа починал. Ноќта сите стражари заспале, само еден останал буден. Во еден момент тој забележал светли венци над главите на војниците и бидејќи бил христијанин веднаш влегол во водата молејќи го Бога и нему да му даде таков венец.
И навистина набргу над сопствената глава забележал ист таков венец. Утрото измрзнатите војници ги натовариле на кола и ги одвеле надвор од градот каде што ги запалиле. Во минатото овој празник во Македонија го празнувале не само македонското христијанско население туку и муслиманското кое го именувало како „Султан Нефруз“. Очигледно е дека во минатото во Македонија со празникот „Свети четириесет маченици“ биле поврзани голем број обичаи и верувања.
Еден дел од нив се поврзани со споменот за Светите 40 војници од Севастија, а другите со пролетната рамнодневица, со денот на пролетта и повторното оживување на природата. Во Гевгелиско во старите времиња кога неверниците го прогонувале секој што ќе се покрстел и ќе ја примел Христовата вера имало некој човек што имал 40 синови.
Кога станале христијани ги оковале во синџири и ги фрлиле во темница, каде што и умреле. Но набрзо потоа христијанството зело замав и станало многу силно, поради што споменот за нив се празнува до денес. Преданието од Струшко, пак вели дека четириесетте маченици биле деца кои Евреите ги мачеле за да го кажат Исуса. Кога не успеале да ги придобијат ниту со ветувања, ниту со казни, решиле да ги погубат. Им дале црна волна и им заповедале со перење да ја направат бела, а потоа ги убиле осветувајќи им се за нивната приврзаност кон Исус Христос.
Поголем број обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со бројот 40 во спомен на четириесетте маченици од Севастија. Собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали од половината на минатиот век до денес запишале повеќе вакви обичаи и верувања. Така на пр. Кузман Шапкарев сведочи дека „на 9 март (стар стил) поменот на 40-те маченици, се празнува со некои особености“. Тој сведочи дека спроти празникот собирале 40 полжави, потоа правеле 40 сарми со ориз и расол, а на ручекот пиеле по 40 чаши вино во спомен на 40-те маченици.
И Ефтим Спространов запишал дека за овој празник во Охрид се правеле 40 сарми, се јаделе уште и 40 полжави, 40 ракови итн. Во Разлошко, во пиринскиот дел на Македонија, како што запишале браќата Костадин и Димитар Молерови секој требало да направи 40 метании пред Господ, од полето да донесе 40 прачки, 40 билки, и 40 ракови од реката, и тн. Миленко С. Филиповиќ запишал дека во Скопската Котлина пиеле 40 чаши ракија, а Стефан Тановиќ во богатите записи од Гевгелиско сведочи дека на овој ден береле и прачки „четрирасат биз едно-за сновајне”.
Целиот текст прочитајте го на skopje24.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.