| четврток, 6 декември 2018 |

Единаесет концерти на 41. Денови на македонска музика

Со концерт на Македонската филхармонија вечер од 20 часот ќе бидат отворени 41. Денови на македонска музика. Концертот ќе го води диригентот Борјан Цанев, а како солисти ќе настапат виолинистот Александар Иванов и кларинетистот Игор Иванов, како и Камерниот хор на византиска музика „Херувими“.

На концертот ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори од различни генерации: Три псалми за хор и оркестар (2017) од Сони Петровски, Концерт за кларинет и оркестар (2005) од Панде Шахов, како и премиера на Концертот за виолина и оркестар (2016) од Филип Иванов.

Фестивалот ќе почне со доделување на традиционалните годишни награди на организаторот – Сојузот на композиторите на Македонија-СОКОМ.

Музикологот, публицист и новинар Марко Коловски е годинашен добитник на наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“. Наградата „Панче Пешев“ за најзначајни достигнувања во музичкото творештво и музикологијата во минатата година им се доделува на композиторот Кокан Димушевски за делото „Светилничарот“ и на композиторката Дарија Андовска за делото Apoptosis-A Brief History of Small Deaths, кои беа изведени лани, на 40. Денови на македонска музика.

Наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дела од македонски автори во минатата година ја добива Биг-бендот на Здружението на џез-музичарите и слободните уметници за концертот одржан на минатогодишните ДММ.

Фестивалот кој го промовора македонското музичко творештво ќе трае до 5 април до кога ќе бидат изведени 11 концерти.

– И покрај намалената финансиска поддршка од релевантните институции во државата, Деновите на македонска музика ќе понудат раскошна програма со 11 концерти на кои ќе бидат изведени бројни премиери на македонски дела на автори од различни генерации и стилско-естетски определби, соопшти СОКОМ.

На годинашните ДДМ по подолг период ќе има и праизведба на музичко-сценско дело од македонски автор – камерната опера „Помеѓу соништа и летови“ на музика и либрето на Горан Начевски.

Премиерата на делото, под палката на диригентот Иван Еминовиќ, со солистите Александра Лазаревска-Василевски, Деан Стоев и Невен Сиљановски во главните улоги, ќе биде изведена на 30 март во Македонската опера и балет.

На програмата на годинашните ДММ се и мултимедијалниот концерт на Иван Пенов, Дарија Андовска и Влатко Георгиев, концертот „Private Music“ на Кокан Димушевски, концертите на млади „Монохроматика“ и на ансамблот „Контемпора“.

Гости оваа година ќе бидат Камерно трио од Албанија, клавирското дуо „Артворк“ од Германија и ансамблот „Меитар“ од Израел. Пијано дуото од германскиот ансамбл „Артворк“ ќе настапи и во Струмица и Гевгелија.

Покрај концертна програма, на 41. Денови на македонска музика ќе има и предавање – „Моите дела со боја и звук“ на Ајал Адлер од Ерусалим, како и семинар за четирирачно пијано и клавирско дуо со гостите од ансамблот „Артворк“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top