| четврток, 6 декември 2018 |

Култните „Софт машин“ првпат доаѓаат на концерт во Скопје

Како еден од најоригиналните психоделични бендови, „Софт машин“ ги поставија стандардите за прогресивен, експериментален и психоделичен рок и џез рок и со тоа го обезбедија своето место меѓу највлијателните британски музичари на сите времиња

Култниот бенд „Софт машин“ (Soft Machine) кој заедно со „Пинк Флојд“ ја создадоа британската андерграунд сцена во шеесетите години, доаѓа првпат во Скопје на ексклузивен концерт на 14. март (среда) во „Станица 26“, со почеток во 21 часот во организација на „3Гонга.“

Во Скопје доаѓаат во состав: Џон Етериџ на гитара, Рој Бабингтон бас, Џон Маршал на тапани и Франс Николас на клавијатури.

Како еден од најоригиналните психоделични бендови, „Софт машин“ ги поставија стандардите за прогресивен, експериментален и психоделичен рок и џез рок и со тоа го обезбедија своето место меѓу највлијателните британски музичари на сите времиња.

Името на бендот е инспирирано од новелата на познатиот американски писател Вилијам Бароуз. Бендот потекнува од Кентербери и во шеесетите години биле едни од централните бендови на оваа музичка сцена. Иако имаат досега постигнато огромен комерцијален успех, музичкиот он лајн водич „AllMusic“ ги опишува како еден од највлијателните бендови на андреграунд сцената.

Нивната музика има широк спектар од психоделија, преку алтернатива до поп музика. На почетокот од нивното музичко патешествие, оваа група свиреше на истата музичка сцена рамо до рамо со Пинк Флојд, во познатиот лондонски U.F.O. Club од шеесетите години.

Тие се едни од ретките, чиј звук се уште може да се дефинира како иновативен и неконценвионален, но едновремено богат и повеќеслоен. Нивниот звук е резултат на сериозна музичка писменост и суптилно експериментирање со мелодијата. Низ историјата низ бендот продефилирале голем број музичари познати на рок, џез и поп сцената како: Robert Wyatt, Mike Ratledge, Hugh Hopper, Daevid Allen, Kevin Ayers, Elton Dean, Allan Holdsworth, John Marshall…

Досега „Софт машин“ имаат реализирано безброј европски и светски турнети, а во 1968 година имаа голема американска турнеја со Џими Хендрикс.

Билетите се по цена од 1000 денари.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top