| четврток, 6 декември 2018 |

Обвинителство отвори истрага за трошењата во Антикорупциска

Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас ​за трошењето на буџетски средства од страна на членовите на Државната комисија за спречување на корупција.

– По објавите во медиумите, обвинителството презема дејствија за утврдување на фактите во предметот, за прибирање на податоци и на потребната документација од Управата за јавни приходи и други релевантни институции, соопштуваат од Основното јавно обвинителство.

Како што објавија медиумите ревизијата на УЈП констатирала нерегулараности во работењето на Комисијата, каде нејзини членови ненаменски трошеле буџетски средства. Конкретно, во ревизорскиот извештај било констатирано дека на членови од Комисијата им биле исплаќани патни трошоци за доаѓање на седници, а исплатата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози. Потоа, некои од нив воопшто не доаѓале на работа, туку само на седници, и биле поднесувани по три патни налози за ист ден..

Од членовите на Антикорупциска одговорност и нулта толеранција очекува и Владата.

– Владата на Република Македонија го следи принципот на нулта толеранција за корупција. Во изминативе седум месеци покажавме дека не постои толеранција кон именуваните функционери кои имаат покажано неодговорно трошење на парите на граѓаните и сите кај кои беше утврдена таква состојба поднесоа одговорност. Истовремено Владата постојано укажува дека одговорното трошење на буџетските пари треба да биде почитувано и од сите останати јавни функционери како што беше примерот со Државната изборна комисија. Очекуваме дека и членовите на Антикорупциската комисија ќе го следат принципот на нулта толеранција за корупција и ќе покажат одговорност имајќи ги предвид последните случувања и имајќи предвид дека тоа е суштината на нивната работа, велат од Владата на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top