| четврток, 6 декември 2018 |

Законот за употреба на јазиците денеска на дневен ред во Собранието, ВМРО ДПМНЕ поднесе 32 илјади амандмани

Во Собранието на Република Македонија денеска на дневен ред е Законот за употреба на јазиците, во трето читање, кој беше вратен од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов без потпишан указ и со бројни укажувања.

За Законот се поднесени рекордни над 32.000 амандмани од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но точната бројка ќе биде соопштена дури денеска односно по нивното комплетно обработување и ставање во е-системот на Парламентот. За архивирање, обработување и ставање во е-системот на Парламентот викендот беа ангажирани околу 120 вработени во собраниските служби. За да се разгледаат сите поднесени амандмани на Парламентот ќе му бидат потребни месеци.

Пред собраниската седница треба да се одржи и редовната понеделничка координативна средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи од која се очекува да произлезе договор како ќе се одвива седницата имајќи го предвид бројот на поднесните амандмани, но и фактот што во Собранието првпат се применува ставот 3 од членот 173 на Деловникот и директно на пленарна седница ќе се гласа за амандмани произлезени од укажувања на претседателот на државата.

Според Деловникот, поднесените амандмани ќе бидат разгледувани само на пленарна седница. Предлагачот ќе има три минути да ги образложи и амандманот ќе може да се гласа. За да биде донесен потребно е 61 глас. Координаторите на пратеничките групи имаат право и на процедурална забелешка од три минути. Доколку се слични амандманите можат да се групираат, објаснуваат од собраниските служби, но тие ќе мора да се гласаат поединечно.

Во Собранието на Република Македонија првпат ќе се гласа за амандмани изготвени врз основа на забелешки поднесени од страната на претседателот на државата за закон чиј указ не го потпишал.

Ваквата постапка е предвидена со членот 173 од Деловникот за работа на Собранието, а овој член е вметнат со измените на овој акт од 2008 година. Претходно немало правна множност претседателот на вратен закон да достави забелешки, а пратениците да поднесат амандмани.

Пред 2008 година постапката за враќање на законите без потпишан указ била во согласност со Уставот на државата, а законите по враќањето во Собранието само биле ставани на гласање. Доколку законот бил изгласан повторно претседателот бил должен да го потпише указот. Закони во Собранието враќале и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Борис Трајковски.

Членот 173 од Деловникот предвидува претседателот на Собранието, веднаш по донесувањето, законот да го достави до претседателот заради потпишување на указот за прогласување на законот. Но, ако претседателот одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката.

Претседателот Ѓорге Иванов го врати законот за јазиците во Собранието без потпишан указ и со повеќе укажувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top