| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ досега поднесе 70 амандмани и бара мнозинството да го повлече законот за јазиците

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ досега поднела 70 амандмани за законот со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик, а колкав ќе биде вкупниот број, според Влатко Ѓорчев, ќе зависи од одговорот на владејачкото мнозинство за нивните барања за повлекување на текстот и за дијалог.

Ѓорчев на прес-конференција во Собранието кажа дека тие се подготвени да разговараат за законот, за кој сметаат дека треба да биде донесен со консензус. Смета дека текстот на законот треба да биде подготвен преку дијалог, што ќе значи унапредување на правата не само на албанскиот јазик, туку и на јазиците на помалите заедници, и истовремено ќе биде согласно Уставот.

– Да се формираат работни групи, да се консултира експертската јавност, да се видат меѓународните искуства. Ние сме подготвени да дискутираме за зголемен опфат и употреба на јазиците во Република Македонија. Истовремено не сакаме да се носат решенија што се набрзина подготвени. Не е добро само во име на формирање на некоја коалиција во кус рок да се прават закони што се лоши, недоречени и кои огромен број луѓе не знаат како да ги применуваат, ниту, пак, да ги разберат- рече Ѓорчев.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ваквото донесување на законот за употебата на јазиците се должи исклучиво на желбата на СДСМ и на ДУИ по секоја цена да ја сочуваат коалицијата и власта.

– Јасно беше дека СДСМ ги изгуби претходните избори, но по секоја цена сакаше да формира влада. Таа „секоја цена“ која што тие беа подготвени да ја понудат е, меѓудругото, и овој закон. Проблемот е што тој закон е оспорен од поголем број експерти во земјата, од претседателот, локалните самоуправи не знаат како ќе го применуваат овој закон – истакна Ѓорчев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствува во Собранието само во делот што ќе се однесува на Законот на јазиците, а во друго засега нема да учествуваат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top