Проф. д-р Каролина Ристова -Астеруд, поранешна пратеничка во Собранието на Република Македонија (2002-2006), поддржувачка на Рамковниот договор, која во својот мандат се „претепувала“ на говорница и на терен за неговото спроведување

(1) ЗА РАЗВИВАЊЕТО ПРОГРАМА НА ЈАВНА СВЕСТ (?!). Навистина, ама баш навистина си го донесоа! Ноторниот Закон за употреба на јазиците (ЗУЈ). И, замислете, во членот 23 (3) пишува дека „Владата на Република Македонија веднаш по влегувањето во сила на овој закон ќе развие програма за покренување на јавната свест за примена на овој закон„ Аха, програма, колку кулисимо! Види ти тоа! Да, да, развивање јавна свест! Сето тоа откога си го донесоа со брутално политичко уценување и силување, крајно недемократски, со крајна безобзирност, како и со најбесрамно лажење и манипулирање. Нити е ЗУЈ по Рамковен, нити е ЗУЈ за со „европско знаменце“ – во конститутивните договори и секундарното право на ЕУ се регулира употребата на официјалните јазици на државите-членки, како и проблематиката на работните јазици во самата ЕУ, и нема никакво мешање во штипките на домашните јазични режими, сето тоа по правото на ЕУ си е покриено со клаузула „согласно националните уставни аранжмани“. Најголемата лага е онаа што најнепосредно засега – дека не се воведува ефективна и сеопфатна двојазичност на целата територија на државата, а ако цепидлачиме, по правото на ЗУЈ е „теоретски“ можна и повеќејазичност, секако ако во даден контекст има и друга/други заедница/ци со над 20% во некоја единица на локалната власт или на ниво на централната власт. Во однос на оваа УБЕР- лага, претпоставувам, совеста пред граѓанството си ја олеснуваат, а богами и политичко-зихерашките математики по логика на контрола на штетата, со тоа што ефективниот двојазичен концепт проектиран во правните решенија на ЗУЈ нема засега премногу да го засегнат источниот дел од земјата во онаа очигледната визуелна и практична смисла. Финансиски е сосема друга приказната, и те како СИТЕ ќе ги засегне! Се на се, ова не е закон за унапредување на јазичните права на граѓанството во вообичаената смисла, во смислата која е правична, здраворазумска, пропорционална, практично-реална и економична, тоа впрочем е поодамна завршена работа, и тоа, во одредени инстанци, и над европските стандарди за малцински и региионални јазици, што воопшто не е лошо, и е плус за земјата. Ова е закон кој, со исклучок на меѓународните односи на државата, содржи правен концепт (колку и да е, намерно или ненамерно, хаотично исцртан) за сеопфатно третирање на „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“ (албанскиот јазик) како втор службен јазик во државата на двете нивоа на власт (централна и локална), хоризонтално и вертикално, и на целата територија на државата, и со бајаги амбициозно поставена „тиранија на малцинството“ во својата суштина. За илустрација, еве ви еден пример за да добиете престава: Според член 9 од ЗУЈ, ако во судска постапка во сите нивоа на судска власт ( а и сите други постапки што можете да ги замислите во комуникација со локална и државна власт), БИЛО КОЈ УЧЕСНИК го зборува 20%–јазикот (албанскиот), тогаш задолжително мора да се користи и тој јазик. Значи, не е само за граѓан(к)ите како странки, не е ни дополнително само за сведоци, и вештаци и сл. (за што и досега имало решенија за користење и други јазици освен официјалниот), туку ако тоа „тој еден„ или „таа една„ е судијата или јавниот обвинител (преставници на државата!). Тоа практично значи, ако на пример, во Основен суд 1 во Скопје, сите други учесници во судската постапка зборуваат македонски, еве СИТЕ други буквално се Македонци, а само судијата или само обвинителот е Албанец/Албанка, сите одлуки, писмени и други акти од постапката се донесуваат и издаваат не само на македонски јазик, туку и на албански јазик, при што судот е обврзан на судијата/обвинителот да му обезбеди превод на сите потребни документи (кога точно, ќе чекаат сите превод на првичните документи, исто и во меѓуфазите, за да тргне терањето на решавањето на правата на граѓанството кои може живот значат и се итни?), да му обезбеди симултан превод од излагањата, изјавите и рочиштата (иако по закон не може да биде избран ако не го познава и македонскиот јазик?). А, ако тоа не се обезбеди , замислете, според ЗУЈ, тоа ќе се смета за суштинска повреда на постапката, иако, повторно да нагласам, судијата/обвинителот по сила на устав и закон е должен да го владее и македонскиот јазик, а кој во таков еден случај е и јазик на сите останати учесници! И, што мислите, што предвидува ЗУЈ за трошоците за сето ова? Зар треба да кажувам? Тие, кое изненадување, „ол-иклузив“ паѓаат на сметка на институцијата , а ефективно, на мнозинството учесници од македонска/ сета неалбанска заедница (граѓани), кои, нели, ќе плаќаат екстра трошоци за само тој еден учесник во постапката, секако од позиција на државна власт, за кој секако има правна претпоставка (по трет пат!) дека зборува македонски, но, ете, тогаш и така мора да „си ги изрази правата„ Па нека части мнозинството, зошто да не, зошто да ги/се трошат парите на други работи? Па мерак е во прашање, ма чувство дека сите играат и мора да играат по негово/нејзино. Се на се, ај ударната поента дека ова е апла пример за двојазичност на државата, а не некакво „унапредување права„на сограѓан(к)ите Албанци , не знам од кај да почнам да објаснувам какви се суштински повреди на правата на граѓанството (ама оние вистинските!), какви се небулози и бизарности ќе се случуваат, ако и кога тоа кутро граѓанство се падне за странка во ваква една „двојазична/повеќејазична постапка„ и колку пари ќе му се одлеваат од џебовите за нечии неизживеани националистички комплекси и безобзирности кон другите, вклучително и најмногу кон етничкото мнозинство. Ама, што да правиме со аспектот дека е и апла „тиранија на малцинството„, (во прикажаниот случај дури и како тиранија на еден единствен учесник во постапката наспрема сите други учесници, и тоа, ни помалку, ни повеќе, преставник на државата)? Не ви треба ниту концептуално познавање на политиколошкиот речник што значи „тиранија на малцинство„ за да по здрав разум заклучите сами и да ја замислите ситуацијата и динамиката, а и кон какви состојби и отрови ќе доведе и ќе разлее во општеството. Инаку, мојот засега хипотетички пример нема да биде реткост, некаков исклучок, оти албанскиот политички фактор се потруди/л низ годините, а и натаму ќе се труди, во судството, низ низа судови и судски инстанци, Албанците да не бидат застапени „соодветно и правично„ (што би било баш околу 20%), туку и многу повеќе од тоа, значително повеќе, а на штета на соодветната и правична застапеност на другите етнички заедници согласно нивната пропорционалност во составот на нааселението , пред се, на штета на најмнозинската- македонската, а и неретко, по уште понебулозни „развои„ и „ скокови„ во кариерата на судиите и обвинителите, од вообичаените што си ги знаеме. Меѓу другото, тоа е така оти македонскиот политички фактор , ете, не се „пали“ и не му е „кул„ да биде македонската етничка заедница соодветно и правично застапена (ни 60 % таму каде треба, нит соодветниот друг помал процент колку што е во населението во некои средини). Патем, како прашање на општа и политичка култура на една заедница, многу фина и принципелна работа ова, со многу развиено чувство за фер-плеј, некој „очи да копа„ ако не е преставен со минимум 20%, ама истовремено да не гледа проблем ако е бајаги „надпреставен„ на штета на другите. Но, вака најцинично, дајте му време на „зреењето на апартхејдот„, на ЗУЈ, самиот ќе си се покаже. Во меѓувреме, неќе да е лошо Владата на РМ и за ова да спреми некаква „програма за ширење на јавната свест„?

(2) ЗА ПРАВНИТЕ НЕБУЛОЗИ. За уставно-правните, номотехничките, јазичните, практичните, финансиските ма и сите други проблематични аспекти укажуваа, дебатираа, апелираа и што се не и многумина други, но особено елаборирано и аргументирано во јавното обраќање до пратениците од страна на акад. проф д-р Катица Ќулавкова, проф. д-р Гордана Силјановска – Давкова и проф. д-р Симона Груевска – Маџоска. Секако, не добија никакви сериозни контрааргументи, туку лична и професионална девалвација, омаловажување и исмевање, вадење некакви си „дамки“ од времето на „борбата со режимот„, во вознемирувачки истороден режимски стил, и небаре тоа им ги прави аргументите невалидни сами по себе. А некои од тие аргументи беа толку „школски“, барем за во делот на правото можам да говорам, да јас лично бев убедена дека барем некои од најочигледните небулози ќе се отстранат, ќе се преобмислат работите, дека им се во интерес да ги санираат. Јок! На политички нож, на политичко и правно силување! На пример, гранде школски пример е дека не смееш со закон кој се носи со обично мнозинство, па уште ако не е со апсолутно мнозинство (50+ 1 од ВКУПНИОТ број пратеници ), туку со релативно мнозинство (50+1 од ПРИСУТНИТЕ пратеници), да интервенираш во СИСТЕМСКИ закони ( оние кои се носат со 2/3 мнозинство, што значи ти треба и опозицијата во Собрание за тоа да гласа). А токму тоа се прави со ЗУЈ! Во член 23 (4) и (5) каде стои дека тие и такви засегнати (системски) закони ќе се „усогласуваат со одредбите од овој закон„ во рок од една година, а во меѓувреме, „во случај на неусогласеност„ на јазичните одредби на друг закон (па и на системските!) со јазичните одредби на ЗУЈ , органите (државни и локални) се должни да ги применуваат одредбите на ЗУЈ. Вау! Вау! ВАУУУУУ! Уште и апла да напишеле дека и во однос на одредбите на Уставот на РМ што не се во согласност со овој закон, органите ќе мора да го игнорираат Уставот и, се подразбира, да се водат од овој фирер- закон на мерак за своевиден апартхејд-партија/партии , е тек тогаш концептот на хиерархија на правните акти во нивната правна сила тотално да го прогласевме за сосечен во корен. Мртов! А со тоа и владеење на правото, што патемно е темелна вредност на ЕУ, содржински дел на поглавја во преговорите со ЕУ, и дел од т.н политички критериуми за членство , што ќе рече, кај да се свртиш, нема врдање, тоа ти е работа за со „европско знаменце.“ А и таа „самоувереност„ дека другите, системските, закони, за кои треба 2/3 и глас на опозицијата ќе се усогласеле за една година?! Како ќе ја натераат опозицијата која сега не беше вклучена? Со тоа што ќе им понуди „дил“ да ги ослободи притворените пратеници? Затоа ли беа тие ујдурми со тралала симнување имунитетот? Или, можеби, ќе им се закани дека и многу други ќе го изгубат имунитетот со иста светлосна брзина и ќе се најдат во притвор? Конeчно, на сето што нагласија гореспоменатите професорки , а и другите, се думам дали поопширно да ја вклучам и елаборирам димензијата на правната семиотика и правната лингвистика, во сличните примери како оној што го наведов погоре под 1, па што се ќе се изроди кога ќе се креваат работите на повисоките (жалбени) инстанци, па „изгубена во преводот„ правна документација (а вообичаено, на тие повисоки инстанци се одлучува по основ на документација) , па правно толкување, па која верзија ќе се смета за официјалната и правно-обврзувачката, а која за официјален превод, таа на странките ли, таа на преставникот на државата со 20% -јазик ли, итн,итн. Досега ни се повредувале правата во бирократски и судски лавиринти, со разно-разни петна на корупција, итн.?! Стрпете се, се само ќе ви се покаже, најмал проблем (освен во финансиска смисла) се именување двојазични улици, мостови, згради , улици, пари, поштенски марки, униформи, па и на цела територија на државата да се, а не само во средините со 20 %! А таа Агенцијата што ќе исмукува милиони евра, ќе исмукува уште повеќе од ветеното, ве уверувам, и пак ќе биде за џабе!