Србија и Црна Гора ќе добијат конкретен датум за влез во Европската унија, а Македонија ќе извиси. Драфт верзијата на Европската комисија за стратегијата за проширување на ЕУ предвидува Србија и Црна Гора до 2025 да бидат дел од Унијата. Македонија иако водеше дипломатска битка, не успеа, заедно со Албанија и Косово да добие барем ветување за можен датум за прием, објави телевизијата „Алфа“.
Тоа што стои во документот за овие земји, кој го објавува ЕУ Обсервер, е дека „би требало да имаат добар напредок на патот кон Европа, или алтернативната верзија „преговорите би требало да бидат во напредна фаза“.
– Со силна политичка волја, испораката на вистински реформи и трајни решенија во однос на споровите со соседите, Црна Гора и Србија треба да бидат подготвени за членство до 2025. Албанија, Босна, Македонија и Косово исто така ‘би требало да се напреднати во својот европски пат до тогаш’, или, според алтернативни зборови во наводници ‘преговорите би требало да бидат во напредна фаза – се вели во текстот на ЕУ Обсервер.
Во делот со погрден поднаслов „нарекување имиња“, ЕУ Обсервер констатира дека овој спор може да биде решен до јуни.
– Грција ги блокира пристапните преговори на Македонија во ЕУ и НАТО цела декада врз основа на тоа дека името на Македонија имплицира аспирации кон грчки регион со истото име. Но Скопје и Атина велат дека се блиску до договор под посредништво на Обединетите Нации – се вели на веб страницата на ЕУ Обсервер.
Понатаму, се цитираат Алексис Ципрас и Зоран Заев во однос на временската рамка за решавање на спорот.
Сепак, Европската комисија вели дека споровите кои партнерите од Западен Балкан ги имаат меѓу себе, мораат да бидат разрешени, бидејќи Унијата нема намера да увезува билатерални спорови, кои во регионот се бројни.
ЕУ ќе одржи самит за земјите од Западен Балкан на 18 мај во Софија, главниот град на земјата – претседавач со Унијата, а Европската Комисија планира да објави извештај за напредокот на преговорите, но и реформите во април.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


