| четврток, 6 декември 2018 |

КОМУНИЗАМ

aco-stankoski.jpg

Колумнист:
Адрапо Спараи

Нема позначаен, почудесен и помонструозен тоталитаристички систем кој опстојувал на планетата во конфигурација на глобалната политика и идеологија од комунизмот. Тој го протегна своето постоење во долг временски период и на огромна територија. Комунизмот сѐ уште опстојува во некои значајни држави, некаде само како политичка инфраструктура со паралелна либералистичка економска практика, а некаде како фанатичен, репресивен и аскетистички поредок со речиси окултна хиерархиска структура која политичко-идеолошкиот водач го третира како божество. Некаде тој поприма романтичарско, анти империјалистичко и антиглобалистичко обележје. Но, секаде каде што сѐ уште царува, се чувствува ноторен недостиг од демократија која својот основен фундамент го воспоставува на правото на избор од мноштвото политичко-идеолошки опции еманирани во политичките партии што рамноправно учествуваат во борбата за власт со легалистички средства.

Комунизмот е надвор од овој поредок, за него парламентарната демократија е само циркус во кој се губи политичката енергија низ манипулација и опструкции зад кој стојат големите корпорации и интернационалниот банкарски систем.

Комунизмот, кој формално замина во историјата, сѐ уште има многу следбеници во светот. Дел од нив се социјалните романтичари кои сѐ уште веруваат во реорганизирањето на селаните и работниците од светот, а другите се претежно идеолошки носталгичари, претежно од земјите на бившиот комунистички блок, што никако не можат да се помират со фактот дека еден хуманистички и економско правичен систем е симнат од историската сцена со предавство од страна на корумпираните бивши комунистички елити. Ова секако звучи утопистички, па дури и наивно ако се земе предвид дека ултимативната цел на секоја политичка елита е власта и моќта која произлегува од неа, а не некаква си сума пари или лажни буржоаски погодности, кои самите комунистички владетели беспоговорно ги уживаа уште додека беа на власт. Затоа бројот на овие носталгичари е сѐ помал, сходно на новата несоборлива реалност на беспоговорната доминација на мултинационалните компании и економската глобализација.

Но, каква е генезата на овој неверојатен глобален феномен на светската историска сцена. Според комунистичките историчари, првата инспирација била француската буржоаски револуција со слоганот „Egalite, Fraternite, Liberte“ или во превод – „Еднаквост, Братство, Слобода“, што дава една широка рамка за многу политички, социјални и морални толкувања кои подоцна ќе се инкорпорираат на оваа првична платформа. Некои поромантични историчари корените ги наоѓаат уште порано, дури во востанието на робовите предводено од гладијаторот Спартак, уште во времето на стариот Рим.

Сепак, историската наука нѐ упатува на таканаречените социјал утописти, како Шарл Фурие, Анри де Сен Симон, Адам Смит, Давид Рикардо итн, кои во својот идеолошки дискурс и низ личната практика, пред сѐ во економијата, се обиделе да воспостават праведен систем на дистрибуција на работната сила, без експлоатација на работничкиот труд. Но, овие системи не можеле да опстанат во конкуренција на крупните корпорации и банкарскиот систем.

Потоа на сцената се појавуваат Карл Маркс и Фридрих Енгелс, кои на овие сѐ уште наивни обиди за праведен економско-политички поредок им даваат научна основа. Маркс и Енгелс се основоположници на комунистичката доктрина, а нивните филозофско-политичко-економски трудови се патоказ на процесите низ кои треба да се остварува предоминацијата на комунизмот. Основна мислечка стратегија на оваа општествена визија е дијалектичкиот материјализам, кој како идеолошки механизам е и критички и стимулативен во градењето на големото историско дело – комунизмот.

Потоа се создаваат масовни здружувања на масите, пред сѐ пролетерите кои се индоктринирале од страна на Агит Пропот и неговите комесари, а чија координација ја водела комунистичката интернационала составена од најистакнатите идеолози на комунистичкото движење.

Појавувањето на Владимир Илич Ленин како водач на Октомвриската револуција во Русија е огромен историски чекор кој му дава на комунизмот политички легитимитет како реална идеолошка моќ. Оваа Болшевичка револуција била шок во времето во кое се случила (1917 година), но темелната анализа на причинско-последичните односи и распоредот на моќите на светската историска сцена ни укажуваат на мноштво конспиративни активности инспирирани и иницирани од најнеочекувани страни. Болшевичката револуција однела огромен број жртви, општествената параноја добила лудачки својства. Набрзо по устоличувањето на Сталин за генерален секретар на Советската комунистичка партија, прогонот на политичките неистомисленици добива апокалиптични димензии. Некои проценки говорат за 25 милиони жртви на драконската политика на Хазјанинот. По Втората светска војна, поведена од нацистичка Германија, Советите ја шират својата политика и идеологија насекаде по Евроазија, а подоцна ја извезуваат и на другите континенти, во Африка и Јужна Америка. Кина, најбројната со луѓе држава во светот, станува комунистичка под водство на Мао Ѕедунг, кој во својата борба со идеолошкиот непријател ќе отстрани од лицето на земјата повеќе од 55 милиони Кинези. И сето тоа во име на еден конзистентен политичко-идеолошки систем кој треба да им служи на трудбениците за подобар и поправеден систем.

Сепак, овој ужасен пекол на земјата не успеа да се одржи повеќе од еден век, со целиот свој ресентиман. Тој се урна како кула од карти кога луѓето во комунистичкиот лагер решија да бидат слободни.

*(Колумните на Адрапо Спараи ќе бидат објавувани секој петок)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top