Селекторот на кошаркарската репрезентација Јорданчо Давитков мора да биде задоволен од стартот на претквалификациите за ЕП 2021. Неговите избраници извојуваа две победи на два меча против Словачка и Швајцарија и сигурно зачекорија кон наредната квалификациска фаза за европскиот кошаркарски собир.
– Победивме потешко од очекуваното. Игравме пред полни трибини, а во првиот дел бевме како во грч. Главната опасност од Швајцарците доаѓаше од нивните центри затоа што беа побрзи од нашите. На полувремето ги поправивме грешките и се излезе според планот. Жалам што овој тим не беше со нас во август, затоа што сигурен сум дека ќе бевме подобри во претквалификациите за СП 2019. На чекор сме до првото место во групата, но имаме уште два натпревари во циклусот, не смее да бидеме дефокусирани и да размислуваме дека се е готово, изјави селекторот Давитков.
Македонија по долго време врза две победи на официјални средби, а целта е враќање на големата кошаркарска сцена, поточно на Евробакетот, каде нашата селекција за последен пат играше во 2015 година, на ЕП во Загреб.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.