Надвор од НОМО според член.0 став.0 алинеја.0 се подготвува спроведување на распоражба на незаконски стекнат имот од страна на трговското друштво со неограничена одговорност (за сега) запишано во судскиот регистар под име “Сојуз на дилери и сервисери на Македонија’’, скратено СДСМ со седиште на улица Бихачка ББ, непосредно до зградата на фирмата ќерка “Мелничко воденичарска работилница’’ со кратенка МВР и делумно е во сопственост на мајката фирма СДСМ чија основна дејност е мелење, пропуштање низ вода и обработка на субјекти.
Распродажбата на МВР не се однесува на делот кој веќе е продаден, со договор во четири очи на 15-ти и 29-ти октомври 2017 година. Останатиот најголем дел од оваа фирма е народен имот во сопственост на граѓаните и за среќа таа никако и никогаш повеќе нема да биде предмет на било каква расподажба.
Заради доспеани, а ненаплатени долгови од странски кредитори, надворешни инвестициски фондови и домашни доверители, а се во функција за опстојување на гореспомнатата фирма се распишува оглас за:
РАСПРОДАЖБА
На имот кој никогаш не бил во нивна сопсвеност или било каков друг вид на времено или трајно располагање за што е потребна брза реализација на трансферот. Истовремено ги известуваме потенцијалните купувачи дека цените се извонредно поволни и многу ниски од разбирлива причина бидејќи стоката што е предмет на продажба е присвоена, насилно одземена и украдена од вистинските сопственици, нашите прадедовци, дедовци и татковци кои во своите оставински тестаменти, познавајќи не’ какви недомаќини сме не имаат целосно разбаштинето со што губиме секакво наследно и сопственичко право.
Напоменуваме, дека трговските спогодби ќе се склучуваат исклучиво во четири очи без тендер надгледувани од вујко Сем и блудницата Вавилонска со што се гарантира апсолутна дискреција за цената, вредноста и името на идните сопственици.
Предмет на распродажбата се следните артикли:
Име. Го продаваме по багателни цени за докрај да ја обезвредниме неговата вистинска и непроценлива вредност, се со цел да не е конкурентно на светскиот пазар и да не ја загрозува монополската позиција за името во корист на друга фирма.
Идентитет. Со оваа распродажба се елиминира со закон определениот наследник да нема право да ја оспори оваа расподажба на името и во некои поповолни услови на пазарот да си го врати во своја сопственост.
Јазик. Со ова се елиминира секаква опасност од можен ризик за потпишување на документи со текст и правно дејство на јазик кој не постои.
Историја. Осигурување на потполно изчезнување на докази за времено движење на имотот низ годините, десетолетијата, вековите се до денешен ден со што поимот имотен лист станува безвреден.
Народ. Е, народ нема. Без овие предходни распродадени вредности народот ќе се врати во фаза на раја или уште полошо на модерни робови и ќе биде предмет на размена по принцип на првобитниот, најпримитивен вид на трговија, проста размена производ за производ.
Сето останато што не е предмет на овој договор за распродажба езера, реки, планини, рамнини, пасишта, шуми, рудни богатства, градови, села, патишта, стамбени згради, болници, фабрики и се друго останато автоматски ќе му припадне на купувачот по принцип плати четири носи се. Нашата парола е Задоволен купувач, наша обврска! Затоа побрзајте навалете цените се многу поволни.
Ние, вистинските законски сопственици, граѓаните на Република Македонија со чест и обврска кон нашите предци, заради наше избавување и грижа за идното потомство бараме од институциите на државата пред се од државниот правобранител веднаш да стави времена забрана на оваа срамна, бандитска и незаконска постапка за распродажба на се она што е свето за нашиот народ. Сепак свесни сме, дека од ова барање нема да има фајде, затоа што искуството не научило да не веруваме на празни соништа и на зборови на измамници.
Народе мој, сакам да те предупредам дека доаѓаат историско тешки, но и срамни времиња. Ќе ти треба голема смиреност, истрајност, здрав разум, вештина и заедничка храброст од сите. Предизвиците пред кој си исправен народ наш напатен се огромни. Ама, токму од напатените народи излегуваат силни и креативни личности. Длабоките лузни врежани во вашите души се непобитна потврда за тоа. Убаво знаеш дека народ не може никогаш да биде поразен, народ може само сам себе да се посрамоти. Сега е моментот да ја согледаш разликата помеѓу понудените реформи промена на систем и држава од една страна и татковината од друга која ти е род од прво колено.
Сега треба смело да им порачаш на џамбазите и праматарите да продолжат да продаваат свињи, магариња и бижутерија. Ова се премногу скапоцени вредности за да поминуваат низ вашите лепрозни раце. На вас кастрираните евнуси маскирани во некои политичари, колумнисти, советници, аналитичари, новинари и невладини активисти, боледувате од лесно пренослива болест и пред да го заразите граѓанството престанете со купување на честа на својот народ во замена за срамна понуда за подобар живот. Ветувањата за полни стомаци и дебели газови само можат да ти наштетат, тие авал не прават, тие главата ќе ти ја изедат.
Не рекле старите попусто “Ако среќа се огледаше во ситост, тогаш и воловите би биле среќни кога ќе се најадат слама’’. Сега е неопходно да застанеш храбро и да се спротиставиш енергично во одбрана од се’ што ти се подготвува. Еве ти несекојдневна прилика од публика каде што зборуваш за другите да се трансформираш во актер за кого со восхит ќе зборуваат. При тоа немој да заборавиш што и да направиш за татковината никогаш не е доволно. Направи го тоа веднаш. Утре е доцна. Сетнина нема.
Во спротивно ќе дојдат многу туѓинци кои прв пат ги гледаш чии јазици нема да ги разбираш, нивните традиции и обичаи нема да ги познаваш заради што ќе се чувствуваш странец дома. Многумина ќе бидат принудени да заминат, тие малку што ќе останат ќе бидат претворени во био роботи или модерни робови без чувство за радост и за тага кој ќе им работат на новопечените чорбаџии како аргати и измеќари. Ќе им ги уредуваат градините, ќе им ги чистат домовите, ќе им ги шетаат домашните миленици, ќе разнесуваат млеко и весници и ќе менуваат мелни пелени за возрасни. Ќе се претворите во редок ендемски примерок и ќе бидете управувани од туѓинци кои немаат никакво разбирање за вашиот начин на живот. Твојата Македонија и понатака ќе биде совршена интеграција на природните убавини, културно историски споменици, духовно наследство ама ти сето тоа нема да го гледаш, нема да го чувствуваш и нема да се радуваш затоа што тоа нема да биде твое и на него ќе гледаш како духовна пустелија.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст