| четврток, 6 декември 2018 |

Отворен Фестивалот на европски филм: „Синедејс“ кани на симболичен двојбој вон компјутерот и телефонот

Со песната на легендарниот хрватски кантавтор Арсен Дедиќ „Фолирнати“ и со симболично фрлање на компјутерска тастатура во публиката, Златко Стевковски, директор на Младински културен центар (МКЦ) им објави двобој на сите зависници од фејсбук и селфи, канејќи ги да дојдат на „Синедејс“

Со проекција на шведската сатирична комедија „Квадратот“ на режисерот Рубен Естлунд кој годинава ја освои „Златна палма“ на Фестивалот во Кан синоќа во скопското кино „Милениум“ беше отворено 16. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ кој ќе трае до 19 ноември.

Со песната на легендарниот хрватски кантавтор Арсен Дедиќ „Фолирнати“ и со симболично фрлање на компјутерска тастатура во публиката, Златко Стевковски, директор на Младински културен центар (МКЦ) им објави двобој на сите зависници од фејсбук и селфи, канејќи ги да дојдат на „Синедејс“.

Додека тој го читаше своето обраќање до публиката, позади него беа испишани зборовите на Словенецот Славој Жижек, еден од најпознатите интелектуалци и филозофи на денешницата.

„Денешните револуционери – хартиени тигри! Денешните револуционери сакаат револуцијата да е што подалеку, во Азија, Африка, за од своите удобни фотељи, преку нивниот ФБ активно да учестуваат“ – Славој Жижек.

Фестивалот во „Милениум“ го отворија градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и директорот на МКЦ Златко Стевковски.

Пред само стотина години некои индивидуи заминаа во вечноста, во обид да полетаат со авион. Некои наши дедовци одовде кинисаа во Шпанија во граѓанската војна, водени од слободарскиот дух. Денес вели вака: „Познатата старлета ги почести своите верни фејсбук-следбеници со фотографија без шминка по утринскиот секс“. Ексклузивна фотогафија од нивната икона во сосема опуштено и лежерно издание со кафе и појадок на нејзината тераса“. „Јавноста беше ужасната од преносот во живо на фејсбук од самоубиството на младиот“ . „Поради навредата на фејсбук, влегле во неговиот дом и го проболе со нож“. „Го најави своето самоубиство на фејсбук“. „Селфи со голото стомаче на поп-ѕвездата“. „Има ли воопшто гаќички?“. „Мајката направи селфи во болницата со својот син кој боледува од рак“. „Селфи од погребната поворка“. „Селфи со жртвите од земјотресот“. „Во јули пристигнува идеалниот телефон за селфи“. И бројот на индивидуите чиј живот при обид за селфи трагично заврши и официјално стана троцифрен. 16 април 2016 година.

За што и како си заминуваа нашите предци, така прости и неуки, непросфетлени, наспроти ние денес? Кои беа нивните, а кои се нашите идеали?

Овој „Синедејс“ e опиплив, жив, чувствен. Со сите човекови слабости. Лицемерен, безкарактерен, полтронест, леснообликувачки. Некогаш и потешко. За разлика од фејсбук и селфи-витезите, моќниците кои со нивните суперпрстиња секогаш се нај, најумни, најдоблесни, најхрабри. Елајте! Ве кани овој така слабочок и мизерен фестивал на симболичен двојбој вон вашиот компјутер. Двобој со вашето неприкосновено фејсбук и селфи јас. Кој ќе е исходот? – рече Стевковски.

Во трка за награди се осум филмови во Официјалната селекција и шест во програмата СинеБалкан кои и годинава се избрани од селекторот Бернд Будер.

Во единаесет фестивалски денови ќе бидат прикажани 135 филмови, а покрај Официјална и СинеБалкан, ќе има уште неколку програми: гала-програма, музички документарци, Синедејс плус, шведски филмови од програмата „Земја во фокусот“, МК кратки и студентски филмови, како и богата придружна програма со седум концерти и четири работилници.

Филмот со кој почна „Синедејс“ (Квадратот) е во гала-програмата во која се нови филмови на познати режисери, како Ханеке, Акин, Озон, Херцог, Аронофски, Каурисмаки, Клуни, Софија Копола… и наградени на престижни филмски фестивали. Во гала-програмата е и македонската премиера на филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески со кој на 19 ноември ќе заврши фестивалот, како и „Пченица“ – новиот филм на турскиот режисер Семих Капланоглу, добитник на „Златна мечка“ во 2010 година и претседател на жирито за филмовите од официјалната конкуренција на годинашниот „Синедејс“.

Фестивалот официјално ќе заврши на 19 ноември со соопштување на наградите од двете натпреварувачки програми, но од наредниот ден ќе продолжи со десетдневен филмски маратон во Џебното кино на МКЦ со проекции во десет различни тематски целини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top